Утрински Весник
Економија

Битиќи: Новата Фискална стратегија ги легитимира задолжувањата – за пет години само каматите се 2,74 милијарди евра

Fatmir bitiki 1.jpeg

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница на која се расправаше за Фискалната стратегија за 2027-2031 година, предупреди дека наместо план за развој и фискална стабилност, со новата стратегија власта го легитимира задолжувањето и свесно го пробива законскиот лимит за буџетски дефицит.

„Владата не само што не ги консолидира јавните финансии, туку ја легитимира фискалната недисциплина и ја претвора во нова нормалност. Оваа стратегија ја потценува реалната економија. Во неа има оптимистички проекции, но нема доволно одговори за инфлацијата, продуктивноста, извозот, странските инвестиции и конкурентноста. Затоа, во суштина, овој документ може да се дефинира како стратегија за преживување со позајмени пари. Во регионален контекст, Македонија веќе е меѓу позадолжените економии, додека стратегијата не покажува движење кон суштинско раздолжување”, рече Битиќи.

Битиќи укажа дека со ваквите политики на Владата, државата влегува во опасна зона на задолжување. Тој нагласи дека јавниот долг е веќе зголемен, односно за две години Владата на ВМРО создаде нов долг од 2,5 милијарди евра, и со новите задолжувања ќе надмине 11 милијарди евра. Она што загрижува, како што посочи Битиќи, е огромниот износ на камати, кој  за пет години од сега ќе треба да го платат граѓаните.

„Најскапото предупредување во оваа стратегија се каматите. Затоа што тие ја покажуваат вистинската цена на политиката на континуирано задолжување. Каматните плаќања растат од 346 милиони евра во 2026, на 397 милиони евра во 2027, па на 421 милион евра во 2028, па на 486 милиони евра во 2029 година. А 2030 година – 537 милиони евра. Тоа значи дека за периодот 2026-2031 граѓаните ќе платат приближно 2,74 милијарди евра само за камати. И тие пари нема да се видат како нови училници, амбуланти, лаборатории, патишта, енергетска независност или поддршка на компаниите. Според оваа стратегија, каматите стануваат паралелен расход, затоа што од година во година се намалува просторот за вистински јавни инвестиции”, рече Битиќи.

Дополнително, Битиќи предупреди дека состојбата со централниот Буџет е веќе алармантна, а власта свесно го пробива законскиот лимит за буџетски дефицит.

„Законот за Буџети поставува фискално правило според кое буџетскиот дефицит треба да биде ограничен на 3% од БДП, но актуелниот Буџет веќе предвидува дефицит од 3,5 % од БДП, а исто толку се проектира и за 2027 година. До 21 мај се реализирани речиси 77% од годишниот буџетски дефицит. Со овие бројки стратегијата не нуди решение за фискалниот ризик, нуди само опис на ризик што веќе се случува пред нашите очи. Дури и гувернерот на Народната банка Трајко Славески, во интервју најави зголемување на дефицитот до 6%. Кога и од таа позиција се отвора прашањето за поголем дефицит тогаш Владата тешко може да ја продава приказната дека фискалната состојба е стабилна и под контрола”, рече Битиќи.

Можете да прочитате

Битиќи: Се извинувам што ја вознемирувам министерката додека е на патување, денес избега, но ја очекувам во четврток во Собранието

Бензините поскапуваат, цената на дизелот останува иста

Средба Николоски – Бутковиќ: Суштински разговори за развој на коридорите и поддршка за решавање на проблемот на превозниците