Почитувани мои сограѓани, иако првично беше планирано во текот на утрешниот ден да направам увид на цените во одредени маркети, сепак денес бев сведок на нешто кое ме поттикна да ја преиспитам мојата првична одлука и намера. Покрај почетните индикации по одмрзнувањето на цените дека истите ќе флуктуираат, денес имав можност да прочитам соопштенија доставени до јавноста од општествено одговорни маркети кои јасно укажуваат дека нивните цени се стабилни и непроменети од претходно. Станува збор за компании кои покажуваат дека профитабилноста и општествената одговорност меѓусебе не се исклучуваат, туку се меѓусебно поврзани аспекти на одржливите деловни практики напиша Битиќи.
Одредени маркети останаа цврсти во својата посветеност кон граѓаните, избраа морален интегритет наместо екстра профит. Со овој нивен морален исчекор овозможија цените на основните производи за нивните потрошувачи да останат стабилни, исто како што беа кога беа заштитени со владина одлука. Ова е навистина една охрабрувачка пракса.
Апелирам до сите трговци и маркети на пазарот да го следат примерот што го дадоа овие маркети, да им дадат приоритет на благосостојбата на нашите граѓани пред краткорочните добивки.
Воедно сакам да испратам апел до граѓаните, дека нивниот глас ни е важен. Ако се посомневате на одредени неетички отстапки во делот на цените на основните прехранбени производи, ве охрабрувам тоа да го пријавите до надлежните институции. Само заедно, можеме да обезбедиме никој да не стане жртва на алчност или профитерство, дека секој ќе има пристап до најважните работи што му се потребни.
А законот за нефер трговски практики, кој е во собраниска процедура, е клучниот системски чекор кон искоренување на неетичката трговска пракса, преку која малкумина профитираат на грбот на граѓаните. Заштитувајќи ги цените на над 2.500 основни производи од пазарни манипулации, со неговите одредби, имаме за цел да создадеме средина каде што ниту една компанија нема да има влијание врз другите, каде што ќе преовладува правичноста и каде што интересите на нашите граѓани ќе се заштитени пред налетот на алчните профитерства.