
Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција и кандидатка за градоначалник на Општина Центар, Билјана Ивановска, денеска се појави во Основното јавно обвинителство по кривичната пријава поднесена против неа. Распитот траеше околу еден час, а Ивановска пристигна во придружба на својот адвокат.
Пријавата, како што изјави по излегувањето од Обвинителството, е поврзана со предмет што бил отворен во времето кога таа ја предводеше Антикорупциската комисија. Подносителот ја обвинува Ивановска за несовесно работење, односно за начинот на кој предметот бил презентиран пред јавноста.
„Во конкретниот случај беше оформен предмет по сопствена иницијатива од член на комисијата, предметот се обработуваше и заврши без никакви сомнежи. Спорно за пријавувачот било тоа како комунициравме со јавноста. Вие знаете дека како ДКСК бевме премногу транспарентни, можеби и повеќе од очекуваното, но тоа е прашање на пристап“, изјави Ивановска.
Таа не го откри името на подносителот, ниту пак конкретниот предмет за кој се поднесува пријавата, нагласувајќи дека тоа ќе биде познато кога Обвинителството ќе ја донесе својата одлука. „Ми беше посочено да не споделувам повеќе детали за да не се попречи постапката. Кога ќе ми биде доставена одлуката, ќе ја споделам со јавноста,“ додаде таа.
Во однос на сомнежите за политички притисок, Ивановска потсети дека полицијата ја побарала дома за да и ја достави поканата токму денот кога објави дека се кандидира за градоначалник на Центар. „Не сакам да верувам во тоа сценарио. Предизборието е можност да видиме каде сме со лекцијата по демократија. Сепак, останува прашањето дали Обвинителството еднакво постапува со сите пријави,“ рече Ивановска.
Таа посочи и на сомнежи околу ефикасноста на институциите. „Ако Обвинителството секогаш постапуваше навремено и транспарентно, немаше да има простор за сомнежи. Моето прашање е дали сите пријави архивирани на 25 јули се доставени до надлежните органи на 14 август, како што беше мојата,“ истакна таа.
Ивановска на 14 август ја најави својата независна кандидатура за Центар, поддржана од иницијативата „Независни заедно“. Веќе следниот ден објави дека добила покана од Обвинителството преку полицијата, што таа го поврза со сомнежи за политички притисок. Од Обвинителството тогаш соопштија дека станува збор за редовна покана за испитување и дека случајот не е поврзан со нејзините политички активности.