Утрински Весник
Магазин

„Берлинале“ 2026: Мишел Јео ја доби „Златната мечка“ за животно дело

20260213085044 big 730x400 72.webp.webp

Во Берлин синоќа, со филмот „Нема добри луѓе“ од авганистанскиот режисер Шарбан Садат, беше отворен 76. Меѓународен филмски фестивал („Берлинале“). Во првата вечер, холивудската ѕвезда и „Оскаровка“ Мишел Јео ја доби почесната „Златна мечка“ за животно дело.

Годинава, 22 филма се натпреваруваат за главните награди на фестивалот, „Златната“ и „Сребрената мечка“, а претседател на жирито е германскиот режисер Вим Вендерс. Примајќи го почесното признание, Јео се потсети на своите почетоци и поддршката што ја добивала во германскиот главен град.

– Кога сè уште се барав каде припаѓам, Берлин ме прифати. Тоа рано добредојде беше важно. Покажа дека има место за гласовите од маргините, за уметници кои сè уште се дообликуваат, рече малезиската глумица, држејќи ја наградата в раце.

Претседателот на меѓународното жири, Вендерс, за „Варајети“ (Variety) рече дека филмовите можат да го променат светот, но не директно преку политиката.

– Ниеден филм не го променил мислењето на политичар, но може да го промени начинот на кој луѓето размислуваат за тоа како сакаат да живеат – изјави Вендерс, дополнувајќи дека филмот е противтежа на политиката. – Уметниците треба да работат во интерес на луѓето, а не на политичарите – додаде режисерот.

Тој нагласи дека овој фестивал се издвојува по разноликоста и тематската разновидност на филмовите, наведувајќи дека публиката може да види „повеќе лица од светот отколку на кој било друг фестивал“ на планетава.

И покрај дождот и студеното време, Бела Ремзи, Нил Патрик Харис, Даниел Брил и Ларс Ајдингер прошетаа по црвениот тепих, додека некои учесници ја искористија можноста да испратат и политички пораки, носејќи транспаренти со натписи против фашизмот и во поддршка на иранскиот народ. Овогодишното издание на „Берлиналето“ трае до 22 февруари, а членовите на жирито, предводени од Вендерс, ќе го објават добитникот на „Златната мечка“ за најдобар филм на свеченото затворање на 21 февруари.

Можете да прочитате

Неочекуван проблем на ЗОИ: Потрошени сите 10.000 кондоми за три дена

Објективноста на децата во врска со подароци

Колач од тиква – 24info.mk