
Припадници на белгиската полиција утрово извршија претреси на повеќе локации ширум Белгија, вклучително и во седиштето на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), во рамки на истрага поврзана со наводна злоупотреба на средства на ЕУ.
Како што јави „Еурактив“ повикувајќи се на изјави на очевидци и на извори поврзани со истрагата, покрај во ЕЕАС, претреси биле извршени и во седиштето на Колеџот на Европа во белгискиот град Бриж, како и во неколку приватни домови.
При акцијата се запленети документи и се уапсени три лица под сомнежи за измами со јавни набавки, корупција и судир на интереси. Идентитетот на уапсените не е соопштен.
Очевидци тврдат дека десетина полицајци во цивилна облека утрово околу 7:30 часот влегле во седиштето на ЕЕАС. Официјален претставник на ЕУ за „Еурактив“ ги потврдил информациите за извршен претрес во дипломатската служба на блокот.

