Работиме посветено преку конретни мерки за да нема зголемување на цената на електричната енергија, псоебно за домаќинствата од почетокот на следната година. Се разгледува опција за воведување блокови за потрошувачка на струја и кај малите потрошувачи, а во моментов не се разгледува промена на блоковите кај домаќинствата. Нашите првични калкулации се и покрај зголемување на ДДВ за електрична енергија од 1 јануари, тоа да не влијае на зголемување на крајната цена на електричната енергија за домаќинствата, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг за медиуми кој го одржа заедно со генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Одлуката за цената на електричната енергија која ќе ја испорачува ЕСМ до Универзалниот снабдувач од 1 јануари, како што кажа Бектеши, ќе се знае до крајот на месецот, а крајните пресметки ќе ги објави Регулаторната комисија за енергетика.
„За тие што имаат просечни приходи во нашата држава цената на струјата нема да биде зголемена, одлуката за евентуална промена во цената на струјата од 1 јануари, ќе се носи во интерес на граѓаните. Не е во ред во време на криза одредени домаќинства со повисоки приходи да имаат иста цена со граѓаните кои имаат просечни приходи. Одредени домаќинства во земјава трошеле повеќе од одредени компании и тоа големи. Зборуваме за над 30-40 мегавати месечно, што значи тие домаќинства ќе плаќаат согласни пазарните услови, а зошто да не и дополнително со маржа од страна на ЕВН Хоум и ЕСМ, кажа министерот.
Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, кажа дека од јануари до ноември на АД ЕСМ од сопствени капацитети има произведено 3.373 гигават часови и споредено со истиот период лани тоа е зголемување од 26%. АД ЕСМ има задолженија од Владата за дополнително снабдување на енергетски субјекти, државни институции и бизнис-сектор, и количината енергија што не стигнува ЕСМ да ја произведе за нив, се дополнува со набавка преку ЕСМ Продажба.
„Имаме зголемен капацитет на ископ на јаглен од сопствени наоѓалишта, има склучено договори за набавка на јаглен од Албанија, а денеска почна испорака на нови количини јаглен од Грција од 600 илјади тони во наредните 12 месеци, по постигната најниска цена на јаглен од 59 евра по тон, што е најниска постигната цена во Европа. Имаме и нов договор за испорака на мазут до јуни седната година и сме обезбедени и со јаглен и мазут до крајот на топлинската сезона“, кажа директорот Ковачевски.
Директорот информираше дека на месечна основа направени се набавки на природен гас, а за декември се обезбедени вкупни количини за топланите, а склучен е договор и за набавка на топлинска енергија со ТЕТО по регулирана цена и на крај на декември ќе биде објавен повик за набавка на гас за период од јануари до април.
„Снабдување со електрична енергија е сигурно и стабилно, производството е зголемено и нема прекин на испорака на електрична енергија. ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино се повторно вклучени во производство, се работи на решавање на прашањето со трансформаторот за блок 3 во РЕК Битола“,кажа директорот Ковачевски.