Утрински Весник
Свет

Австрија дебатира дали да распореди деминери во Украина

Австрија дебатира дали да распореди деминери во Украина

Австрија ќе биде првата западна земја што официјално ќе распореди трупи што ќе играат активна улога во војната во Украина ако претседателот се избори за својата идеја наспроти противењето на парламентот, пренесува „Брејтбарт“.

dobivaj vesti na viber

„Австрија треба да распореди војници во Украина за откривање и безбедно отстранување нагазни мини и други неексплодирани убиствени средства“, вели австрискиот претседател, Александар ван дер Белен.

На оваа идеја се спротивставуваат членовите на неговата влада и популистичката Слободарска партија, главната десничарска опозиција во земјата, кои тврдат дека тоа би било спротивно на долгогодишната воена неутралност на Австрија.

Претседателот Ван дер Белен, кој е титуларен началник на Вооружените сили на Австрија, вели дека не може да сфати зошто владата се двоуми да распореди деминери во Украина, пишува „Кронен цајтунг“.

„Поддршката за деминирање цивилни области, како што се станбени згради, училишта, градинки или земјоделски површини, секако не е во спротивност со австриската неутралност; тоа е хуманитарна работа,“ истакна тој.

Многу други западни земји веќе имаат војници во Украина, главно за заштита на амбасадите, но не за директно дејствување во војната. Неколку други, како што се САД, имаат војници во земјата за да ги следат огромните количества воена помош што се доставува до украинските сили и да се осигурат дека ништо не недостига.

Обединетото Кралство дури и премолчано призна дека војниците на неговите специјалните сили презеле тајни мисии во Украина во текот на војната, но не ги откри нивната природа и нивната цел.

Ван дер Белен и неговите поддржувачи, вклучително и либерално-глобалистичката партија НЕОС, велат дека операциите за деминирање се хуманитарна мисија и иако ги вршат војници во воена зона, не претставуваат учество во војната.

Австриската министерка за одбрана, Клаудија Танер, од централнодесничарската ОВП, сепак не се согласува и вели дека војната во моментот е во период во кој разликата помеѓу воените операции за деминирање и хуманитарното деминирање е нејасна и бесмислена.

„Австрија ќе помогне во финансирањето на паневропска операција за деминирање, но нема еднострано да распореди војници во Украина“, рече Танер пркосејќи му на претседателот.

Лидерот на Слободарската партија, Херберт Кикл, рече дека претседателот има уставна должност да ја заштити воената неутралност на Австрија и дека повикот за распоредување во Украина не е компатибилен со ова.

„Не толку одамна Ван дер Белен сакаше да ја укине нашата армија, а сега со своите пријатели од зелените се однесува како подбуцнувач на војна… нашата неутралност не смее да се разниша. Федерален претседател, кој ги доведува во прашање ова и нашата слобода на здружување, не е на место“, нагласи Кикл.

Ако претседателот распореди војници во Украина и покрај противењето на владата, тоа сигурно би предизвикало уставна криза, но Ван дер Белен е директно избран во Австрија и има поголеми ингеренции од другите церемонијални претседатели во некои европски нации, меѓу кои и моќ да ја распушти владата, па дури и да назначи воени офицери.

 

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година