
Австралиската полиција денеска соопшти дека уапсила повеќе од 1.200 лица и запленила речиси три тони нелегални дроги како дел од еднонеделната акција насочена кон активностите на организираниот криминал.
Заедничката акција, наречена Операција Витреус, траеше од 1 до 5 септември. Нејзината цел беше да се намали достапноста на нелегални дроги низ цела Австралија, се вели во заедничка изјава на државните и федералните власти. Вклучена беше и полицијата на Нов Зеланд.
Вкупно 1.246 лица беа обвинети за 2.522 прекршоци низ цела Австралија.
Полицијата во заедничка изјава соопшти дека акцијата била особено фокусирана на 1,4-бутандиол (1,4-BD), хемиски растворувач кој „сè повеќе се поврзува со предозирање и сексуални напади“.
Тие запленија речиси 2.000 литри растворувач, кој е познат и како бут или фантазија. Акцијата вклучуваше рекордна заплена на 1,92 литри гама-бутиролактон (GBL) од страна на полицијата на Нов Зеланд, се вели во соопштението.
Џим Роу од Австралиската федерална полиција изјави дека „1,4-BD стана најоткриената нелегална дрога по тежина“ на границата откако беше наведена како дрога контролирана на границата во март 2024 година.
-Оваа супстанца предизвикува голема зависност, а исто така е и многу опасна, како и другите нелегални дроги како што се метамфетамин и кокаин, предупреди Роу.
Полицијата, исто така, заплени 569 килограми кокаин, 90 килограми метамфетамин и 58 килограми кетамин во Австралија. МДМА и канабис беа исто така меѓу запленетите дроги.
Дополнителни 611 килограми дрога или прекурсори беа запленети во странство.