Утрински Весник
Свет

Јавниот долг на Германија расте – приближување кон границата од три билиони евра

Germanija 1.webp.webp

Германија бележи значително зголемување на јавниот долг, кој во 2025 година достигнал 2,66 билиони евра, покажуваат најновите податоци на статистичките власти. Растот се должи на зголемените државни инвестиции во инфраструктура, одбрана и климатски политики, како дел од стратегијата за поттикнување на економијата.

Според прелиминарните податоци на Дестатис, долгот на федерално и локално ниво е зголемен за шест проценти во однос на претходната година, што претставува пораст од околу 151 милијарда евра. Само федералната влада на крајот од годината акумулирала долг од 1,84 билиони евра, вклучително и ново задолжување од 32,2 милијарди евра во последниот квартал.


По изборите во 2025 година, канцеларот Фридрих Мерц, заедно со коалицискиот партнер СПД, иницираше олеснување на строгите буџетски правила со цел да се обезбедат дополнителни средства за економски развој. Во таа насока е формиран и специјален фонд вреден 500 милијарди евра, кој ќе се користи за инфраструктурни и климатски проекти во наредната деценија.

Истовремено, германските власти го зголемија лимитот за задолжување за да овозможат поголеми инвестиции во модернизација на вооружените сили.

Податоците покажуваат дека вкупниот долг на 16-те германски покраини достигнал 624,6 милијарди евра, додека локалните власти имаат задолжување од 196,3 милијарди евра.

Сепак, растот на јавниот долг предизвика критики. Од Германското здружение на даночни обврзници предупредуваат дека, и покрај рекордните буџетски приходи, задолжувањето продолжува да расте и може веќе следната година да ја надмине границата од три билиони евра.

Претседателот на здружението, Рајнер Холцнагел, оцени дека ваквата состојба е „апсурдна“, нагласувајќи дека зголемувањето на долгот во услови на високи приходи отвора сериозни прашања за фискалната политика на земјата.

Можете да прочитате

Холандски автобус со 48 лица се преврте во Швајцарија, има загинати и повредени

Дваесет и пет години од најголемиот терористички напад врз САД

Иран нападна американска база, неколку американски авиони се оштетени