Утрински Весник
Македонија

Апасиев: Фрлете им ја медицината на кучињата, таа и онака веќе не е за сиромашните

Apasiev.webp.webp

Соопштение за јавност на Левица:

На денешната седница на Собранието, на дневен ред се најде Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, поднесен од пратеничката група на Левица, со кој се бара целосно покривање на здравственото осигурување за хонорарци, фриленсери, лица ангажирани со договор на дело, невработени лица и слично, практично – универзално здравствено осигурување. Предлогот беше одбиен од парламентарното мнозинство.


Во своето обраќање, пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, истакна дека актуелниот модел на социјално осигурување е директен производ на неолибералната реформа воведена од ДПМНЕ во 2008 година, во периодот кога, како што рече, „десничарските јастреби” Трајко Славески и Зоран Ставрески ја спроведувале идеологијата на т.н. „trickle-down” економија.

Апасиев посочи дека со воведувањето на концептот на бруто-плата биле укинати хранарината и патните трошоци на работниците, додека паралелно се отворал простор за приватни играчи во системот на социјално осигурување преку вториот и третиот пензиски столб и приватното здравствено осигурување. Според него, наместо зајакнување на јавните фондови, придонесите биле намалени во корист на бизнис-елитата, под изговор дека тоа ќе ги стимулирало работодавците.

„Не, напротив! Тие пари не завршија кај работниците, туку во џебовите на богатите”, истакна Апасиев, додавајќи дека со ваквите политики е создаден прекаријатот – нова несигурна класа на хонорарци и лица без основни работнички права.

Тој нагласи дека лицата ангажирани преку договори на дело и агенции за привремени вработувања немаат право на пауза, годишен одмор, К-15, боледување, синдикално организирање и штрајк, оценувајќи дека станува збор за системско разградување на трудовите права.

Во говорот, Апасиев се осврна и на, како што рече, налудничавиот феномен на максимална основица за плаќање придонеси, објаснувајќи дека најбогатите плаќаат придонеси само до одреден праг, додека сè над тоа е ослободено. Тој посочи пример со плата од 325.000 евра месечно, за која придонеси се плаќаат само на ограничен дел од износот.

„На работник кој зема минималец му се зема сè, а на ултрабогаташите им се дава попуст од 95 проценти”, рече Димитар Апасиев, објаснувајќи дека според актуелниот систем постои максимална основица за плаќање придонеси, односно придонеси се плаќаат само до висина од 16 просечни плати, а сè над тоа е ослободено. Како пример, Апасиев посочи случај со плата од 325.000 евра месечно, при што државата практично ослободува огромен дел од приходот од плаќање придонеси.

„На работник кој работи за минималец му требаат 60 години за да заработи колку што еден ултрабогаташ заработува за еден месец”, истакна Апасиев, оценувајќи дека токму ваквите политики создаваат енормни класни разлики и водат кон распаднато општество.

Апасиев воедно предупреди дека актуелниот закон доведува до апсурдни ситуации во кои лица што останале без работа мораат самите да си плаќаат здравствено осигурување доколку претходно оствариле приходи над законскиот праг рачунајќи ги и приходите на семејството. Тој нагласи дека токму тоа е суштината на предлог-законот на Левица – државата да обезбеди здравствено осигурување за сите невработени лица, без оглед на претходните примања на нив или на членовите на нивното семејство.

„Кога работникот останува без работа, тогаш системот треба да го заштити, а не да го оттурне”, истакна тој.

Во завршницата на говорот, Апасиев оцени дека здравството во Македонија е претворено во привилегија наместо во право:
„По дефиниција на Светска здраствена организација, здравјето не е само отсуство на болест. Здравјето е дефинирано како потполна физичка, психичка и материјална благосостојба. Сиромаштијата е болест, по дефиниција. Сиромашните умираат, богатите се лечат. Ете тоа го воведе ДПМНЕ како систем”.

„Го третираме здравството, не како политичко прашање, туку како додаток на луксузот. И видете го парадоксот – оние кои во Југославија ги градеа болниците, денеска не можат да се лечат и умираат по ходници, умираат во мувлосани кревети.

Схоластички градиме здраствени политики од канцеларија, без никаков пристап со инфраструктура, со реалност, со доктори, со медицински персонал и слично. И парадоксот е во тоа што токму сиромашните имаат најголема потреба од здравство. Затоа што, прво условите за работа тоа им го прават. Не е исто да дишете цел ден прашина како рудари и да седите во влада и ставате печати цел ден. Или со храната. Не е исто да јадете леб и маргарин цел ден, бидејќи една третина од луѓето ни живеат со сто денари на ден, и да јадете папаја и бифтеци во влада. Не е исто. Така крвта не ви е иста, плуќата не ви е иста”, потенцираше Апасиев.

„Во овој постлиберален десничарски модел имате развод на медицината од правото. Во оваа транзициска пауперизација на народот, ние воведовме таков парадокс, да кучињата и мачките, како домашни миленици на богаташите, имаат поубави услови да се лечат, отколку нашите работници, кои ги градеа фабриките и сè она што вие десничарите од времето на Тито не можете ни да го искречите. Оттука, не знам дали сфативте колку е важен овој закон, но ако не го усвоите, фрлете им ја медицината на кучињата, оти таа и онака веќе не е за сиромашните”, нагласи Димитар Апасиев.

Можете да прочитате

Студентка од Турција најдена почината во стан во Штип

Самит на Македонија2025: Лидерите од регионот ќе дебатираат за забрзување на растот

Мециновиќ: СДСМ здружено со ВМРО-ДПМНЕ саботираат една изборна единица