Утрински Весник
Свет

Антивладините протести во Словачка поради судските реформи на Фицо се интензивираат

Илјадници луѓе во Словачка синоќа повторно протестираа против владата на левичарскиот популистички премиер Роберт Фицо, кој е на функција од крајот на октомври.

Организаторите изјавија дека околу 30.000 луѓе се собрале само во главниот град Братислава. Неколку илјади луѓе се одзваа и на повикот на три опозициски партии во 30 други градови низ државата.

Ако бројките се точни, синоќешните демонстрации веројатно се најголемите досега во бранот протести на опозицијата што почнаа во декември, пренесува ДПА.

Демонстрантите носеа транспаренти со пароли „Фицо е зло за Словачка“, „Фицо оди во Русија!“ и „Срам за мафијашката влада на Фицо!“

Помали собири на солидарност се одржаа и во Брисел, Прага, Париз и други европски градови.

Протестите, организирани од две либерални и една конзервативна опозициска партија, првенствено беа насочени против планираната судска реформа за која моментално се расправа во парламентот во Братислава.

Еден од најконтроверзните елементи на реформата е планираното укинување на специјалното обвинителство УСП, кое е одговорно за организиран криминал и политички криминал. Трипартискиот кабинет на чело со Фицо сака да го распушти обвинителството бидејќи е премногу „политизирано“.

Опозицијата предупреди дека е доведено во прашање владеењето на правото и ја обвини владата дека се обидува да ги прикрие случаите на корупција на високо ниво од претходните влади на партијата Фицо до 2020 година.

Планот предизвика критики и од Европската комисија и Европскиот парламент. 

Можете да прочитате

Лула да Силва не го менува ставот дека Израел извршил геноцид во Појасот Газа

Трамп: Поради обвиненијата против мене, имам поголема поддршка од Афроамериканците

(Видео) Бајден ја прекрсти вдовицата на Навални наместо Јулија ја нарече Јоланда !