Антикорупциска остро реагира на вчерашниот демант од кабинетот на министерката за добро владеење Славица Грковска. Во соопштението од ДКСК се вели: „Изненадени сме од реакцијата на Кабинетот на вицепремиерката Грковска, за паушални и неосновани обвинувања, дотолку повеќе што во однос на предметот за градоначалникот на Струга Рамиз Мерко не беше воопшто спомнат. Истовремено, изненадени сме од неоснованите критики за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, од орган чија цел е борбата против корупцијата. Сите предмети на ДКСК се уредно и согласно законите елаборирани и доставени до надлежните институции. Непостапувањето на другите институции не е одговорност на ДКСК затоа што согласно нашите законски надлежности и ингеренции немаме механизми за да влијаееме на нивната работа и динамика на постапување. Неопходно е во интерес на граѓаните и во интерес на напредокот на решавање на случаите на корупција заеднички сите надлежни тела да ги насочат своите капацитети со иста цел, наместо неосновано да се напаѓа работата на ДКСК“.
Вчера кабинетот на Грковска ги оцени како паушални обвинувањата од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата за наводно непостапување за случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
– За жал, ДКСК предводена од претседателката Ивановска, во обид да ги оправда постапувањата или непостапувањата на ДКСК, се обидува надлежноста и одговорноста да ја префрли на други институции, без притоа да има предвид дали тие се надлежни или не за конкретни случаи, а во тој контекст и со какви механизми располагаат, пишува кабинетот на Грковска.
Од Кабинетот посочуваат дека во таа насока им предочуваат на членовите на ДКСК дека вицепремиерката Грковска, во согласност со овластувањето што го има од премиерот, е задолжена за спроведување на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и други функционери избрани од Владата.