Утрински Весник
Македонија

Анкета: ВМРО-ДПМНЕ со највисок рејтинг, Мицкоски со најголема доверба

Img 7389.jpeg

Најновото истражување на јавното мислење, спроведено од порталот МКД.мк во соработка со агенцијата „Маркет вижн“, покажува дека граѓаните и натаму најголема доверба имаат во ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.

Анкетата, реализирана во периодот од 2 до 18 март на примерок од 1.200 испитаници, укажува дека и покрај тоа што владеачката партија речиси две години е на власт, а Мицкоски ја извршува функцијата премиер, нивниот рејтинг останува значително повисок во однос на опозицијата.


На прашањето во кој политички лидер имаат најголема доверба, најголем дел од испитаниците изјавиле дека не веруваат во ниту еден. Сепак, 25,2 отсто од анкетираните посочиле дека најмногу му веруваат на Мицкоски, што е повеќе од збирот на довербата во останатите партиски лидери.

Во однос на партискиот рејтинг, 24 отсто од испитаниците одговориле дека би гласале за ВМРО-ДПМНЕ на следните избори. На второ место е коалицијата Вреди со 5,1 отсто, следуваат СДСМ со 4,9 проценти, ДУИ со 4,8, Левица со 3,1 и ЗНАМ со 2,1 отсто.

Истражувањето открива и значителна апстиненција кај гласачите – 28,1 отсто од анкетираните изјавиле дека нема да гласаат, додека 9,7 проценти се уште не се сигурни дали ќе излезат на избори.

Кај оние кои се изјасниле за конкретна партија, повеќе од половина би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека 11,5 отсто се определиле за Вреди, 11,1 за СДСМ, 10,9 за ДУИ, 7 проценти за Левица и 4,8 за ЗНАМ.

На прашањето поврзано со евроинтеграциите, 52 отсто од испитаниците изјавиле дека се за влез на Македонија во Европската Унија како членка без право на вето, односно со статус на набљудувач.

Во однос на перцепцијата за насоката на државата, 36,2 проценти сметаат дека Македонија се движи во правилна насока, додека 46,9 отсто одговориле дека земјата оди во погрешна насока.

Анкетата е спроведена со CATI метода – телефонско анкетирање со компјутерска поддршка, а примерокот е репрезентативен според регион, пол, возраст и етничка припадност, согласно податоците од пописот во 2021 година.

Можете да прочитате

Мицкоски: Бројките од анкетите не мотивираат дополнително да работиме

Душица Мрѓа за Кочани: Мицковски и Филипче ја саботираат Анкетната за кочани

Фокус: Анестезиолошки техничар од КАРИЛ го убил охриѓанецот со кој претходно имал договор за издршка