
Повеќе од половина од вработените во Германија, односно 53 проценти, изјавиле дека би сакале да работат помалку часови неделно, 40 проценти од испитаниците посочиле дека се задоволни од моменталниот број на работни часови, додека само седум проценти посочиле дека би сакале да работат повеќе, според резултатите од анкетата објавена од Германската конфедерација на синдикати (DGB).
Истражувањето е спроведено од јануари до мај, а 4.018 вработени биле анкетирани преку телефон, објави „Шпигел“.
Една од главните причини зошто вработените не можат да го намалат работното време се работните процеси, изјавиле 63 проценти од испитаниците.
Исто така, 60 проценти од анкетираните веруваат дека намалувањето на работното време би им го отежнало работењето, додека 59 проценти веруваат дека намалувањето на работното време негативно би влијаело на нивните приходи.
Кога одговорите се анализираат по пол, 66 проценти од жените веруваат дека би морале да работат повеќе бидејќи нивната плата не би била доволна.
Претседателката на DGB, Јасмин Фахими, ги критикуваше работодавците, нагласувајќи дека „проблемот во организацијата на работното време не е во законот за работно време, туку во самите работодавци“.
Според неа, околу 2,5 милиони вработени со скратено работно време сакаат повеќе часови, но нивните претпоставени често ги одбиваат, а ригидните работни процеси го отежнуваат тоа уште повеќе.