
Во последниов период сведочиме на повторливи, систематски и сурови случаи на дислоцирање на цели легла и чопори кучиња во градот Скопје – животни кои не се познати на локалните заедници, кои се појавуваат преплашени, дезориентирани и во очигледен стрес.
Последниот случај, кај „Аркадија“, е само уште еден доказ за оваа варварска и неказнета пракса: осум нови кучиња, оставени на улица, без контрола, без грижа, без шанса.
Ова не се изолирани појави. Граѓаните секојдневно сведочат за комбиња што пренесуваат кучиња од една во друга општина , истовари на периферии, депонии, па дури и во срцето на градот, како да станува збор за отпад, а не за живи суштества.
Таквата практика не е само нехумана и противзаконска, туку создава директна јавна опасност и за луѓето и за животните.
Бруталноста оди дотаму што не така одамна беа забележани повеќе легла – очигледно ловџиски мешанци – исфрлени во рамките на заштитени подрачја, како резерватот „Јасен“, каде што немаат никаква шанса за преживување.
Тоа е чин на апсолутно варварство, на негрижа, и на одбивање да се соочи вистината за сопствената одговорност.
„Грижо моја, прејди на друг“ – оваа реченица станува симбол за начинот на кој функционира локалната власт. Зошто поминува неказнето, затоа што никој не одговара.
Анима Мунди бара итно институционално препознавање и санкционирање на ваквите постапки.
Бараме:
Воспоставување на механизми за следење, превенција, евиденција и санкција на случаи на дислоцирање на кучиња;
Соработка меѓу општините, институциите на централно ниво и граѓанските организации;
Отворање истраги и ефективни казни за сите сторители на овие дела.
Неодамнешните реакции и на ЈП Лајка го потврдија истото: Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња, што не може да биде дело на поединци. Станува збор за организирана и перманентна злоупотреба која мора да се истражи, докаже, казни.
Ги повикуваме граѓаните – доколку забележат товарење или истовар на кучиња, да го документираат со фотографии или видео и веднаш да пријават до надлежните служби или до нашата организација. Укажуваме, ова е длабоко сурова форма на насилство, но и многу опасно и по граѓаните и по животните



