Актуелниот македонски машки ракометен првак, битолски Еурофарм Пелистер задсебе има катастрофална сезона во групата од Лигата на шампионите со серија од 13 порази, без ниту еден позитивен резултат. Битолчани утре (18.45 ч.) на гости кај норвешкиот Колштад ќе завршат со обврските на меѓународната сцена. И Пелистер и Колштад се двете екипи од групата А кои нема да се пласираат во нокаут фазата. Тренерот на битолчани Бранислав Ангеловски во пресрет на последниот меч застана во одбрана на својот клуб споредувајќи го со двократниот европски првак Вардар, но и со Металург кој своевремено го раскрчуваше успешно патот на евро-сцената за македонскиот клупски ракомет. -Организациски извлековме повеќе од максимум и жал мие што на ова гостување патуваме без освоен бод. Мора да се сфати дека Пелистер е локален клуб и дека не е државен проект како Вардар. Би сакал тоа да се случи и со нас, па и со кој било друг клуб од Македонија. Ние го имаме најмалиот буџет во ЛШ, а дури и во Европската лига има екипи со многу повеќе пари од нас и пак не ја минаа групата, изјави Ангеловски. Пелистер и покрај поразителниот скор од 0:13 во пресрет на последното коло, е оптимист дека битолчани имаат добра иднина. -Секој почеток е тежок, па таков е и нашиот. Истото беше и со Металург, кој во првата сезона губеше по 15 разлика од екипи како Загреб и Чеховски Медведи и други, но потоа дојде во ситуација да се бори за „фајнал-фор“. Слична беше ситуацијата и со Вардар, дополни Ангеловски.