Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов заедно со унгарскиот амбасадор Андраш Клајн синоќа ја посетиле унгарската специјализирана противпожарна единица што е сместена во Белица, а дејствуваа од Езерото Козјак, кај викенд населбата Брезница кај манастирот Света Богородица, потоа горе во планинските села, кај с. Брезница, па се до селото Тажево.
Покрај запознавањето со нивното досегашно дејствување во реон на Брезница, Ангелов искажал голема благодарност кон Унгарија и особено кон индивидуалниот придонес на унгарските пожарникари во борбата со огнената стихија.
Во врска со пожарот кај село Брезница, Ангелов во синоќешната видео изјава информира дека овој пожар е се уште активен и по 19 дена, но со поддршка на локалните пожарникари и со поддршка на унгарскиот тим пожарникари, пожарот го заокружи селото Брезница и не навлезе во селските куќи.
-Едниот крак од пожарот се движи во насока на викенд населбата на Езерото Козјак но од тие причини овие два дена ги фокусиравме пожарникарите кои дојдоа за помош од Унгарија да изработат противпожарен појас над оваа викенд населба. За жал еден крај од овој појас успеа да влезе во ловиштето Јасен иако претходно повеќе од 15 дена не дозволуваа овој пожар да навлезе на теренот на ловиштето. Гаснењето ќе продолжи и денеска, наша основна цел е заштита на објектите, пред се на викенд населбата на Езерото Козјак но и да го стопираме неговото движење во насока на ловиштето Јасен, информира Ангелов.
Во текот на вчерашниот ден, додаде имало повеќе од 35 активни пожари кои најголем дел од нив успеале да ги изгаснат.
-Некои од нив се поголеми и горат со денови како што е пожарот на Илинска планина. И покрај нашето дејство со воздухоплови на тој дел ефектот е многу слаб. Вчера избил уште еден тежок шумски пожар над селото Косоврасти, дебарско, на исклучително стрмен терен. Пожарот во атарот на с Негорци што бил ставен под контрола, вчера повторно се разгорел, додаде тој.
Поради големите пожари и во соседна Србија, Ангелов информираше дека Србија ќе го повлече хеликоперот што помагаше во гаснењето на пожарите во земјава.