Утрински Весник
Македонија

Ангелов: Пожарот на Галичица делумно под контрола, дејствуваат над 120 лица

Angelov.jpg

Пожарот на планината Галичица, меѓу Охридското и Преспанското Езеро, делумно е под контрола, дејствуваат над 120 лица, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов преку видео изјава.

– Пожарот што повеќе од 20 дена гори делумно на територијата на ловиштето „Јасен“, а сега еден негов крак се движи кон селото Белица, е ставен под делумна контрола, неговото горење е значително намалено, на лице место дејствуваат 70 припадници на македонската Армија, заедно со локални пожарникари, како и вработени во „Национални шуми“, а на кракот кон „Јасен“ и вработени од ловиштето, појасни Ангелов.

До 13 часот во борбата со огнените јазици, дејствувале два хеликоптера, едниот армиски, другиот полициски, како и ер тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во текот на денешниот ден, до 16 часот, пријавени се вкупно 25 пожари на отворен простор низ државава. Во моментов, 11 се активни, шест се под контрола, а осум се изгаснати, соопштија од ЦУК.

Од 11 активни пожари во моментов, по два се во општините Долнени и Кичево. Еден е на територија на општините Охрид и Ресен, а по еден има на териториите на Дебар, Македонски Брод, Новаци, Пласница, Росоман, Чашка.

Од шесте под контрола, во три општини опожарена е мешана шума: Маврово – Ростуше, Чашка, на две места во Македонски Брод. Под контрола е и опожарената депонија во општина Делчево. Последниот пожар под контрола е на територија на општина Демир Хисар, на Илинска – Плакенска Планина, кај селата Вирово и Слоештица. Таму горела ниска вегетација.

Можете да прочитате

Два случаи на физички напад врз малолетнички од страна на родител

За една недела 25 заболени од голема кашлица, хоспитализирани пет деца

Двајца осуденици барани со потерница вратени во затвор