Утрински Весник
Македонија

Ангелов: Најмалку 11 активни пожари во државата, најкритично кај Струмица, Студеничани и Желино

Image 2026 08 22 153201031.png

На територијата на државата во моментов има најмалку 20 пожари на отворен простор, од кои најмалку 11 се активни, информираше денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека во текот на денот избувнале повеќе тешки пожари, а најалармантна е состојбата во струмичкиот регион.

– Најалармантен е пожарот во близина на Струмица, во атарот на селата Баница и Водоча, кој се заканува на куќите од првиот ред. На терен се пожарникарите од Струмица, а побарав и итна помош од противпожарните екипи од Валандово и Радовиш – изјави Ангелов.

Според него, сериозен пожар е активен и на подрачјето на Општина Студеничани, каде огнената стихија се движи кон планинското село Цветово и претставува закана за објект во кој, најверојатно, има трло.

Ангелов информира дека активен е и пожарот во атарот на тетовското село Церово во Општина Желино, кој избувнал вчера и се шири кон ридскиот предел.

– Гори неквалитетна шума, грмушки и трња, но постои опасност да бидат зафатени и лозовите насади во овој реон. Разговарав со командирот на ТППЕ Тетово, кој ќе испрати дополнителни екипи за заштита на лозјата и околниот имот – рече директорот на ДЗС.

Тој наведе дека нови пожари се регистрирани и во атарот на селото Тајмиште во кичевско, кај селото Ломница во Општина Врапчиште, како и во Општина Маврово и Ростуше, каде на терен интервенираат припадници на ДЗС, пожарникари и локално население.

Во прилепскиот регион, според Ангелов, активни се пожари во атарите на селата Маџуниште, Коњаре и Бонче, при што пожарот кај Бонче е дел од поголемиот мариовски пожар.

– Добра вест е што мариовскиот пожар е речиси целосно изгаснат и останува активен само кракот кон Бонче. Утрово таму ги упативме тимовите за брз одговор на ДЗС, составени од доброволци од Битола, Кочани и Виница – изјави Ангелов.

Можете да прочитате

ВЛЕН: ДУИ две децении беше на власт, а нема абер од законите

Голем пожар избувна во струмичко меѓу селата Баница и Водоча, прогласена евакуација на жителите од населбата Софилар

Кривична пријава против Латвиец за криумчарење мигранти