
Инвестиции од 78 милиони евра во најмалку 300 образовни објекти се реализираат преку Министерството за образование и наука и Владата, со цел подобрување на условите за настава и студентскиот стандард, истакна денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на пратеничко прашање.
-Навистина се преголеми инвестициите, 78 милиони евра во најмалку 300 објекти – нагласи Јаневска, истакнувајќи дека квалитетното образование е невозможно без соодветна инфраструктура.
Според неа, од почетокот на мандатот се вложени 35 милиони евра во седум нови училишни објекти во Бутел, Чучер-Сандево, Куманово, Чашка и Тетово, реконструирани се повеќе од 30 училишни спортски објекти, а во тек е изградба на четири нови спортски сали во Аеродром, Кисела Вода, Струга и во Липково.
-Еден од основните услови да имаме квалитетно образование е да имаме добра образовна инфраструктура, односно да имаме пристојни училишта, со добро опремени кабинети, пристап до интернет опрема и безбеден интернет, да имаме пристап за децата со посебни образовни потреби – рече министерката.
Јаневска информираше дека преку двата владини повика за капитални инвестиции на општините им се доделени уште 35 милиони евра за реализација на 55 проекти за изградба, доградба и реконструкција на училишта, спортски сали и базени.
Во рамки на напорите за воведување едносменска настава, додаде таа, се прошируваат капацитетите на 14 училишта во повеќе општини, а дополнителни 15 проекти ќе започнат во следните месеци.
Министерката посочи дека е завршена реконструкцијата на студентскиот дом „Стив Наумов“, кој ќе почне со работа на 1 октомври, додека домот „Кузман Јосифовски-Питу“ треба да биде завршен до крајот на ноември.
-Студентскиот дом „Стив Наумов“ е завршен и тој почнува на 1 октомври со работа. „Кузман Јосифовски-Питу“ сосема сигурно до крајот на ноември ќе биде готов – рече Јаневска.
Таа најави и продолжување на инвестициите во студентските домови, ресурсните центри за деца со посебни образовни потреби, изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, како и довршување на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура.
-Со тоа се согласувам со нашите критичари дека и студентските домови и дел од ученичките домови, па и дел од овие ресурсни центри, навистина не се соодветни и тоа што не беше направено, еве ние ќе го донаправиме – рече министерката Јаневска.


