Утрински Весник
Македонија

Јаневска упати честитки за успешно завршената учебна година

Image 2026 06 10 124751336.png

Денеска завршува учебната 2025/2026 година. Година која беше подобра од претходната и во која воведовме многубројни новини во воспитно-образовниот процес во интерес на учениците, наставниците, стручните соработници, како и на родителите и старателите. Благодарност до сите за поддршката и прифаќањето на промените. Уверена сум дека веќе ги гледаме првите позитивни резултати, што претставува дополнителен мотив да продолжиме со унапредувањето на образовниот систем, напиша министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

На сите основци и средношколци им честитам за постигнатите успеси. Им посакувам убав летен распуст, исполнет со одмор, дружење и незаборавни спомени. Верувам дека ќе одвојат време и за литература, за стекнување нови знаења и за развој на личните вештини. Компјутерите и дигиталните алатки што им се достапни нека ги користат мудро за учење, истражување и откривање нови можности.


Наставниците се и остануваат најважниот столб на квалитетното образование. Со голема посветеност и професионалност ја реализираа наставата и им го пренесуваа знаењето на своите ученици на најдобар можен начин. За дополнително да ја поттикнеме нивната мотивација и креативност, донесовме одлука за ново зголемување на платите за 7,5 проценти, со што кумулативниот раст во последните две години надминува 20 проценти.

Паралелно вложувавме во подобрување на условите за настава и работа, но и во создавање можности за професионален и кариерен развој. Реализиравме нови повици за напредување на наставниците и стручните соработници во звања ментор и советник во основното образование, а за првпат оваа можност се обезбеди и во средното образование.

Важно е да останеме партнери и во иднина. Уверена сум дека заеднички ќе ги реализираме сите цели и активности предвидени со Реформската агенда. Најдобриот интерес на учениците е наш заеднички приоритет и останува во фокусот на сè што правиме.

Посебна благодарност упатувам и до родителите и старателите. Нивната посветеност и грижа најдобро се препознаваат преку развојот и однесувањето на децата. Во следната учебна година очекувам уште поголема проактивност и соработка, особено во справувањето со предизвикот на врсничкото насилство. Секој од нас има подеднакво важна улога во создавањето безбедна, мирна и поттикнувачка училишна средина.

Пред Министерството за образование и наука претстои работно лето. Во тек се повеќе значајни процеси на кои сме целосно посветени – реализацијата на државната матура, уписите во средното образование, набавката на нови учебници, изработката на нови наставни програми, забрзувањето на дигитализацијата, како и завршувањето на повеќе инфраструктурни инвестиции.

Задоволни од досега сработеното, продолжуваме мотивирано и посветено да создаваме уште подобри услови за успешна учебна 2026/2027 година.

На сите ви посакувам добро здравје, среќа и пријатен летен распуст., вели Јаневска.

Можете да прочитате

Талески: Трипуновски направи пустош во земјоделството, блокирани се 128 милиони евра европски средства

Трипуновски: Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми субвенциите во овчарството на 3.000 денари по грло

Судската одлука за М-НАВ отвори дебата за правото на штрајк во Македонија