Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Училиштата да ги следат протоколите за постапување кога температурите се превисоки

20260902115006 big 730x400 68.webp.webp

Наставата во жешки денови треба да се организира во согласност со протоколот за постапување кога температурите се превисоки. Протоколите се објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука и се доставени до сите училишта – изјави министерката Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање дали часовите за учениците ќе бидат скратени во денови кога времето е многу топло.

Како што рече, од климатските промени не може да побегнеме, тие се еднакви за сите деца во Европа и во светот.

– Но тоа не значи дека нашите деца не треба да учат. Она што треба да се направи е да се почитуваат протоколите. Се разбира дека раководството на училиштата и самите наставници, тоа е дел од нивната работа, ќе се приспособуваат на условите. Ако е жешко, нема да вежбаат физичко, ќе имаат одмор, ликовно, музичко, нешто друго… Јас не сакам да се мешам во нивната работа, но еве една идеја. Ако е постудено, ќе направат и некоја физичка вежба. Таму во протоколите пишува кога треба да се отворат, кога да се затворат прозорците, кои активности треба да ги имаат децата. Мора да се приспособуваме на сѐ што ќе биде предизвик – изјави Јаневска.

На прашање дали во училиштата ќе бидат обезбедени клима-уреди за разладување во топлите денови на почетокот и на крајот од учебната година, министерката одговори „ќе има клими кога ние како држава ќе бидеме во можност да обезбедиме клими во сите училишта“.

– Правиме по приоритети, правиме многу. Јас верувам дека во некој догледен период нема да имаме ваков предизвик – додаде Јаневска.

Градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, изјави дека училиштата во оваа општина ги следат протоколите изготвени од МОН и Центарот за јавно здравје кога температурите се превисоки и оти времетраењето на часовите се скратени само доколку има предупредувачка (жолта) фаза.

– Ние ги следиме тие препораки и постапуваме исклучиво во согласност со протоколите. Во случај кога ќе влеземе во жолта фаза со температурите, каде што има одредени гранични вредности за секој месец одделно, вклучително и септември, тогаш ќе постапиме во согласност со протоколот. Доколку има појава на жолта фаза, ќе се постапи по протоколот и ќе се скратат часовите, меѓутоа доколку немаме жолта фаза, нема да пристапиме кон скратување – додаде Митески.

Можете да прочитате

Владата ги усвои измените на Законот за јавни набавки – исполнет чекор од Реформската агенда за поголема транспарентност, квалитет и ефикасност

Вештачење за „Пулс“: Од 2012 до 2025 не е извршена инспекциска контрола во дискотеката од страна на инспектор за противпожарна заштита

Сиљановска-Давкова: Пензионирањето не е крај на активниот живот, туку нова можност за мудроста и искуството