Утрински Весник
Македонија

Андоновски: Супер апликацијата што ја носи дигиталната иднина на Македонија!

Licna karta.jpeg

Министерството за дигитална трансформација работи на дигитална апликација преку која граѓаните ќе имаат лична карта и возачка дозвола во електронски облик, а ќе имаат пристап и до најновите услуги или најбараните услуги, најави министерот Стефан Андоновски.

Андоновски, во интервју за „360 степени“ вели дека станува збор за „дигитален паричник“, што многу наликува на „Гугл волет“ или „Епл волет“, што значи дека електронската верзија на личната карта и возачката дозвола ќе бидат спакувани во апликацијата и ќе може граѓаните да ја покажат за да се легитимираат. Во втора фаза на проектот, како што најави, ќе биде овозможено и електронско потпишување и целосна биометриска верификација.


– Добивме позитивен одговор од програмата „Дигитална Европа“, реализацијата требаше да започне во јануари 2025 година, но поради интерни процедури во Европска Унија почетокот беше највен за јуни 2025 година и ние подготвувајќи се, ја имаме модел-верзијата на апликацијата, изјави Андоновски, посочувајќи дека станува збор за проект што е меѓународно партнерство со Министерството за дигитална трансформација на Украина, заедно со програмата „Дигитална Европа“ од којашто добивме грант од над еден милион евра.

Андоновски, најавува дека на дигиталниот самит што ќе се организира во Скопје на 1 и 2 октомври годинава ќе биде промовирана тест-верзијата или демоверзијата на апликацијата за првите корисници да можат да ја симнат на својот мобилен телефон и да ја користат.

Апликацијата, посочи Андоновски, засега ќе чини бесплатно затоа што добивме грант од над еден милион евра од „Дигитална Европа“ од ЕУ и дополнително средства за развој на порталот за услуги, на којшто оваа апликација му е практично близнак.

Во првата фаза, според Андоновски, граѓаните нема да имаат никакви трошоци, додека во следната фаза кога ќе се вклучи дигиталниот потпис, биометриската верификација, може да се појавуваат некакви трошоци.

Андоновски, меѓу другото, посочува дека новиот закон за сајбер безбедност ќе ги зајакне институциите во превенција од хакерски напади, посочувајќи дека законот предвидува формирање неколку тела – Национален координативен совет за сајбер безбедност, Сектор за сајбер безбедност (во МДТ) и владин центар за одговор на инциденти.

Прашан дали Владата планира носење регулатива за криптовалути, Андоновски, вели дека иднината на финансискиот сектор се криптовалутите и доколку светот се движи во оваа насока, земјава нема друга опција освен да размислува за регулација.

Според министерот, земјава е соочена со два предизвици во моментов – едниот е да се прифати реалноста и да се признае дека криптовалутите постојат и се тргуваат во Македонија, а другиот е дека преку исполнувањето на целите на Реформската агенда се движи кон Европската Унија и оти треба да се следи регулативата на Унијата.

Можете да прочитате

Манасиевски: Вработените во Министерството за здравство знаеле дека договорот и анексот на Филипче се коруптивни и криминални, одбивале да ги потпишат

По години трупање смет, се чисти депонијата на патот кон Езерани

Владиката Петар ги нарече „наркомани“, „пијаници“ и „арамии“ верниците кои преку собир бараа Партениј да биде кандидат за нов митрополит