
Пентагон повтори дека носачот на авиони „Џералд Форд“ вплови во водите на Латинска Америка со цел да помогне во „пресретнувањето на трговијата со дрога и онеспособувањето и демонтирањето на меѓународните криминални организации“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп минатиот месец нареди распоредување на „Џералд Форд“ во Карипско Море.
Откако Вашингтон првично објави дека го испраќа „Џералд Форд“, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро предупреди дека „милиони мажи и жени ќе се вооружат низ целата земја“ ако САД интервенираат воено. Тој постојано повторува дека САД трупаат воени сили во регионот за да го соборат.
Во август, Вашингтон ја зголеми наградата за информации што би довела до апсење на Мадуро на 50 милиони долари, обвинувајќи го дека не презема доволно мерки за да го спречи протокот на дроги од неговата земја. Мадуро ги негира обвиненијата.
Носачот на авиони „Џералд Форд“ беше пуштен во употреба во 2017 година. Тоа е најновиот носач на авиони на САД и најголемиот во светот, со екипаж од повеќе од 5.000 луѓе.
САД во септември распоредија 10 борбени авиони Ф-35 во Порторико, како и осум воени бродови и нуклеарна подморница во јужниот дел на Карипско Море, во близина на брегот на Венецуела, официјално како дел од операцијата против илегалната трговија со дрога.
Американската армија досега изврши најмалку 19 рации врз бродови, за кои се сомнева дека транспортираат дрога. Најмалку 76 лица се убиени во операциите во Карипско Море и пацифичкиот брег на Латинска Америка.


