Најмалку 20.000 федерални вработени ја прифатија понудата за отпремнина што претседателот Доналд Трамп и ја упати на целата федерална работна сила пред крајниот рок в четврток, јавија американските медиуми повикувајќи се на претставник на Белата куќа.
Тоа претставува околу 1% од повеќе од два милиона федерални вработени, и е под целта на Белата куќа за 5% до 10% да прифатат отпремнина.
Но, официјалниот претставник на Белата куќа рече дека бројот на одложени оставки „брзо расте“, а Белата куќа очекува најголемиот скок на пријавувањата да дојде 24 до 48 часа пред крајниот рок.
Во обид за драстично намалување на големината на федералната работна сила, Канцеларијата за управување со персоналот на САД минатиот вторник им понуди на сите федерални вработени осум месеци плата и бенефиции до септември, доколку дадат отказ до 6 февруари.
Понудата, што пристигна преку е-пошта до сите вработени, е дел од напорите на милијардерот технолошки претприемач Илон Маск да ја намали федералната бирократија и да ја преобликува владата преку Одделот за владина ефикасност што тој го води.