
Еден од најсилните урагани досега, „Мелиса“, пристигна до југозападниот брег на Јамајка со ветрови што достигнуваат брзина до 300 километри на час, што го прави најсилна бура некогаш регистрирана што ја погодила земјата.
Досега се потврдени три смртни случаи.
Американскиот национален центар за урагани (NHC) соопшти дека ураганот „Мелиса“ во моментов предизвикува „катастрофални ветрови, поројни поплави и бури од бранови“ додека се движи над Јамајка.
Според најновите податоци, центарот на ураганот се наоѓа над западниот дел на Јамајка, откако го погоди копното во близина на местото Њу Хоуп (New Hope) и сега се движи кон североисток.
Брзината на ветерот се намали на околу 265 километри на час, што е малку помалку од 295 km/h, колку што беше измерено во моментот на ударот на копното.
– Се очекува натамошно слабеење додека центарот се задржува над Јамајка – наведува NHC. „Сепак, ‘Мелиса’ ќе стигне до југоисточна Куба како исклучително опасен голем ураган, а ќе остане силен ураган и кога ќе пристигне до југоисточните Бахами“.
NHC предупредува дека ураганот „Мелиса“ е сè уште „исклучително опасен и животозагрозувачки“ и се советува населението да не ги напушта засолништата додека не помине окото на бурата. Метеоролозите предупредуваат дека ветровите може привремено да се смират додека минува окото, но брзо повторно ќе се засилат на другата страна, кога центарот на бурата ќе помине преку земјата.
Премиерот на Јамајка, Ендру Холнес, се огласи неколку минути по ударот на ураганот, нагласувајќи дека фокусот веднаш ќе се пренасочи кон помош и обнова штом ќе помине најлошиот дел. Тој повика на поддршка, истакнувајќи дека за „заздравувањето ќе биде потребна секоја рака која ќе биде од помош“.
Во меѓувреме, компанијата Старлинк, во сопственост на Илон Маск, објави дека нејзините сателитски интернет услуги ќе бидат бесплатни на Јамајка и Бахамите до крајот на ноември за да помогнат во спасувањето и обновата.
Според официјалните податоци, отприлика една третина од населението на Јамајка останало без електрична енергија, додека властите сè уште ги проценуваат размерите на штетата.



