Утрински Весник
Македонија

Алиу најави можност лекар да може да евидентира доколку забележи пациент што претрпел насилство, а не го пријавил

Lekari.webp.webp

Анализите покажуваат дека, освен семејно насилство, има и институционално насилство во системот – изјави министерот за здравство Азир Алиу на денешната собраниска седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на која се разговара за спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт.

– Планираме со Комората на лекарите во текот на лиценцирањето на лекарите да има еден модул што ќе биде многу повеќе фокусиран на насилството во здравствените институции и навреме да ги откријат – информира министерот за здравство.


Со Комората на лекарите било во план, кога ќе се даде лиценцата, таа да ги содржи потребните обуки.

– Заедно со Министерството за образование и наука дефинираме кои треба да бидат протоколите и материјалите на академско ниво, во текот на студиите или на ниво на средно училиште. Националниот регистар, потенцирам, е многу значаен и ние работиме во овој дел за подигнување на инфраструктурата за националниот регистар – посочи Алиу.

Министерот се осврна и на плановите лекар да може да евидентира во систем доколку забележи дека некој пациент претрпел насилство, а не пријавил.

– Тие не може да се земат како реални информации бидејќи пациентот не ги пријавува како насилство, но во системот можеме да ги следиме. Доколку пациентот доаѓа со истите знаци и по еден месец или по една година, ние може со оваа услуга да ги пријавиме и од правен, психолошки аспект, да видиме што се случува со пациентот, зошто не го пријавува ова насилство – појасни министерот.

Тој рече дека се координираат со Светската здравствена организација, која, нагласи, јасно ги дефинира насоките како ќе се третираат пациенти што претрпеле насилство.

– Идејата е да создадеме протокол што ќе има „one stop“ центар, кој ќе биде дел од болниците во кои нема да биде само лекарот, туку ќе има и психолог и правник, кој од законски аспект ќе ги третира процесите. Така што, ова се протоколите, кои се стандардизирани, ние ќе ги земеме и ќе ги спроведеме во здравствениот систем – додаде министерот за здравство.

Алиу посочи дека се покажало оти доколку еднаш има насилство, тоа се повторува.

Беше кажано дека оваа надзорна расправа е посветена на една од најсензитивните и најважни теми – превенцијата и заштитата од семејно насилство. Дека семејното насилство не е само социјален, туку и сериозен здравствен проблем. Затоа улогата на здравствениот систем е клучна како во раната детекција така и во обезбедувањето соодветна поддршка за жртвите.

Според соопштеното, во тек е подготовка на програма за зајакнување на здравствениот систем за 2027 година, со предвиден буџет од 2 милиони денари, која ќе опфати превенција, бесплатни услуги за жртвите, кампањи за подигање на свеста и обуки за здравствените работници. Паралелно, се работи на интеграција на центрите за сексуално насилство во систематизацијата на јавните здравствени установи, со што овие услуги стануваат траен дел од системот, а не привремени проектни активности.

Се истакнува дека особено значајно е поврзувањето на овие центри со електронскиот систем „Е-здравство“, што се очекува да овозможи системско евидентирање на случаите и креирање политики врз основа на реални податоци.

Се унапредувала улогата на координаторите за еднакви можности, со цел подобра институционална координација и интероперабилност. Во делот на законската рамка, беше споделено дека се прават важни исчекори, како што е вклучување на насилството како основ во Законот за здравствената заштита, како и повторно воспоставување регистар за насилство во рамките на здравствениот систем.

Како предизвици на што мора да продолжи да се работи, се издвојуваат и континуирана едукација на здравствените работници за препознавање и постапување, подобра координација меѓу институциите, еднаква достапност на услугите во сите региони и најважно – градење доверба кај жртвите во системот.

Беше истакнато дека целта на надлежните е да се изгради систем што не само што реагира туку и превенира. Систем што ќе обезбеди навремена, координирана и човечка поддршка.

Можете да прочитате

Средба на министерот Муцунски со вршителот на должноста амбасадор на САД, Никол Варнес 

Отворен Саемот на книгата 2026 во Скопје – празник на мислата, зборот и културата 

Исмаил: Проклетство на ресурсите!  – 24info.mk