Утрински Весник
Македонија

Алиу: Болницата во Прилеп доби нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време

20251016151913 big 730x400 20.webp.webp.webp

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.

-Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за Одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу, соопштија од Министерството за здравство.


За гинеколошкото одделение, посочи тој, е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.

-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, шест физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна министерот Азир Алиу.

Можете да прочитате

Донаторска сперма со висок ризик од рак дистрибуирана низ Европа

Сиљановска-Давкова: Родово одговорното буџетирање е клуч за праведни политики и транспарентност

Студентите имаат рок уште десет дена за апликација за ваучери