Студентот на Економскиот факултет, Александар Николовски е реизбран за претседател на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ). Тој го искористи правото на реизбор и по вторпат ќе раководи со Собранието.
Николовски е студент на постдипломски студии на програмата монетарна економија, финансии и банкарство. Тој е дипломиран економист на финансиски менаџмент, а првиот мандат како претседател на УСС УКИМ му започна во ноември минатата година.
Николовски беше избран за претседател вчеравечер, по пат на тајно гласање на седница на Универзитетското студентско собрание.
Во својата програма, Николовски најавува иницијатива до МОН и Владата за зголемен буџет за наука, заложби за нов концепт за финансирање на високото образование преку воведување на бесплатно високо образование, како и за укинување на сите дополнителни трошоци за студирање освен партиципацијата, на товар на МОН.
Во неговата програма е наведено и унапредување на соработката со невладините организации и бизнис секторот, поголема инклузија на студентите од различни позадини и малцинства, иницијатива за носење на Законот за младински стандард со повеќе средства за студентските домови, како и иницијатива за воведување на нискокаматни студентски кредити.
Во делот студентки стандард, старо-новиот претседател на УСС УКИМ најавува реализација на ветената мерка – ваучери за туризам за студентите, како и измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, при што ќе се овозможи студентите кои се во работен однос да се здобијат со правото за оброк, исто како и студентите на втор и трет циклус.
Покрај претседател, синоќа беа избрани и девет сенатори од редовите на УСС УКИМ што ќе ги претставуваат студентите во Сенатот на Универзитетот: Филип Петковски, Слободан Панајотов, Ивона Тодорова, Ангела Василевска, Никола Ѓорѓиев, Зорица Бојаџиева, Доротеа Камчевска, Иван Трајковски и Филип Калаџиски.