Утрински Весник
Македонија

Албанска лига е новото име на партијата на Села, најавена нова политичка офанзива

Img 6392.jpeg

На Петтиот партиски конгрес, крилото на Алијансата за Албанците предводено од Зијадин Села официјално го промени своето име во Албанска лига, означувајќи почеток на ново политичко поглавје и нова стратегија за делување на политичката сцена во земјата.

Пред делегатите и партиските активисти, Села порача дека претстои период на засилени активности на терен, формирање нови подограноци и проширување на партиската инфраструктура низ државата. Тој нагласи дека Албанска лига ќе биде активен политички фактор кој нема да остане нем набљудувач на процесите што, според него, можат да влијаат врз колективните права на Албанците.


„Нема да дозволиме пасивно да се следат обидите за нарушување на правата на Албанците. На секој таков предизвик ќе одговориме со политичка акција, организација и присуство меѓу граѓаните“, порача Села.

Во своето обраќање, лидерот на Албанска лига ги повтори ставовите на партијата за актуелните политички процеси во државата, а не ја исклучи ниту можноста за идно учество во владината коалиција доколку за тоа се создадат соодветни политички услови.

Потпретседателката на партијата, Илире Даути, осврнувајќи се на досегашното дејствување на политичката структура, истакна дека нивната мисија отсекогаш била насочена кон отстранување на пречките со кои се соочуваат Албанците во Македонија.

„Политиката ја движат два типа на луѓе: оние кои бараат бенефит за себе и оние кои се жртвуваат и си ги повредуваат сопствените раце за да ги отстранат пречките од патот на идните генерации“, изјави Даути.

Со ребрендирањето во Албанска лига, партијата на Зијадин Села најавува нова политичка фаза, со амбиција за поголема организациска мобилизација и поактивно учество во политичките процеси во државата.

Можете да прочитате

Седум пријави и четири уапсени лица за семејно насилство

Кривична пријава за група битолчани кои „ловеле педофили“

Филипче: Власта да распише Референдум – граѓаните да одлучат за европската иднина на Македонија