Доколку пекарите престанат со производство на леб, Владата смета дека има законски одредби со кои може да санкционира. Министерот за економија, Крешник Бектеши посочи дека тогаш ќе постапат другите институции како што е Пазарен инспекторат, но и Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Ние како Министерство за економија и Влада имаме механизми да донесеме заклучоци за другите институции, кои треба да бидат независни. Така сме поставени, вклучувајќи го Државниот пазарен инспекторат но и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Согласно нашите податоци во Скопје има голема разлика на цената само на овие два производи, а пазарот го покриваат не повеќе од 3-4 компании. Комисијата за заштита на конкуренција, Државниот пазарен инспекторат согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, има одредби кои треба да ги утврдат од надзорите кои би ги направиле. Вие знаете кои се тие одредби“, кажа Бектеши.
Пекарниците вчера се заканија дека ќе престанат да произведуваат леб и да го носат на пазарот ден откако ќе биде објавена во „Службен весник“ одлуката за замрзнување на цената на лебот. Пекарско-мелничарската индустрија смета замрзнувањето на цената на 33 денари неминовно води кон затворање на компаниите оти сите веќе бележат загуби или се на нула.
На обвинувањата од министерот за економија Крешник Бектеши дека ја замрзнува цената за да не дозволи воени профитери, му одговори Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија и сопственик на пекарницата „Специјал“. Тој едностраното замрзнување а цената на леб, без консултација со производителите, го нарече советско-болшевичка метода.
На ваквото препукување меѓу министерот и пекарниците претходеше укинување на субвенцијата за струја за пекарската индустрија оти малкумина ги намалиле цените на лебот по што следеше и најавата за замрзнување на цената на лебот.