Утрински Весник
Македонија

Ахмети бара од Курти да каже дали неговата партија Самоопределување ќе учествува на изборите во Македонија

Ali Ahmeti.jpg

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети во интервју за косовската телевизија „РТК“ ја коментира средбата на косовскиот премиер Албин Курти со лидерите на опозициските албански партии од Македонија.

Вели дека Курти треба отворено да каже дали неговата партија Самоопределување ќе учествува на изборите во Македонија, но смета дека на Албанците во земјава не им требаат многу партии.

– Нема ништо лошо во запознавањето, но она што го кажа Меџити не се совпаѓа со изјавата на Курти што ја даде во Скопје, во која рече дека Движењето Самоопределување не учествува на овие избори.

Ако има стратегија да се камуфлираат работите, не е добро, да ги кажеме работите отворено и ништо не не спречува, рече Ахмети.

Прашан дали вклучувањето на Самоопределување на изборите во Северна Македонија ќе влијае на изборните резултати, Ахмети смета дека ќе нема влијание бидејќи, како што вели, „албанскиот електорат е доста дефиниран во Македонија“.

– Во моментов, ако се повикуваме на студии и анализи, ДУИ е победник на овие избори уште пред да се одржат, а тоа го знаат и македонските и албанските политички партии, но и македонската и албанската опозиција.

Никогаш не сум бил разочаран од предвидувањата и студиите на експертите и вистинската експертиза. Но времето ќе го докаже тоа, наведува Ахмети.

Лидерот на ДУИ тврди дека не е во непријателство со ниту една политичка партија ниту во Косово, ниту во Албанија, ниту во Македонија, но смета оти на Албанците во Северна Македонија не им требаат многу партии.

– На Албанците во Северна Македонија не им требаат 3, 4, 5, 6 или 7 партии бидејќи колку повеќе партии има, тогаш Албанците ќе бидат помалку важни, подвлече Ахмети.

На забелешка дека моменталната функција на Талат Џафери се признава како технички премиер, лидерот на ДУИ вели дека во официјалните документи не постои формулацијата технички премиер, а оти додавката „технички“ се користи за да се ублажи ставот на македонската јавност, со оглед на тоа што во минатото имало многу реакции за напредувањето на Албанците.

Ахмети изрази жалење што, како што посочи, во овој историски чин за избор на Џафери на чело на Владата не учествувале опозициските партии на Албанците во земјава. 

Можете да прочитате

Ловечко куче извадено од провалија од екипа на Планинската спасителна служба во Охрид

Стојаноска: Oние кои противзаконски постапуваа сега ќе треба да одговараат

ДУИ ја поздрави одлуката на САД: Посветени сме на демократијата и транспарентноста