Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера, преку апликацијата RASFF Window од Системот за предупредување за небезбедна храна на Европската Унија (RASFF) доби нотификација за небезбеден производ од категоријата овошје и зеленчук извезен од нашата земја – свежи пиперки наменети за пазарот во Хрватска, информираат од Агенцијата.
Појаснуваат дека при спроведена гранична контрола земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуум од пестициди. Имено, добиениот резултат покажал присуство на остатоци од пестицидот форметанат и вредност што претставува сериозен ризик за здравјето на луѓето.
„Од страна на хрватските власти забранет е увоз на спорниот производ.
Доколку пратката со небезбедните производи се врати во земјата, АХВ ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување, кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата“, се истакнува во соопштението од АХВ.