Утрински Весник
Македонија

Џафери потврди пред Агелер: Законот за рестриктивни мерки ќе биде вратен во процедура уште на следната владина седница

Img 20240202 Wa0006.jpg

Премиерот Талат Џафери денеска се сретна со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Прајс Агелер.

Џафери ја истакна посветеноста на Владата кон стратешкото партнерство на Северна Македонија со Соединетите Американски Држави и нагласи дека и на новата функција ќе продолжи да биде силен промотор на таа соработка.

На средбата, премиерот и амбасадорката разговараа за потребата од обезбедување континуитет и ефикасност во работата на Владата и државните институции, и вложување на севкупни напори за подготовка и реализација на фер и демократски избори.

Премиерот Џафери нагласи дека претседателските и парламентарните избори се клучни за иднината на земјата и ќе претставуваат потврда за правецот на нејзиното натамошно движење. Во таа насока, двајцата соговорници се согласија дека процесот на преговори за членство во ЕУ ќе овозможи и позитивна трансформација на демократските капацитети во државата, засилување на реформските процеси во сферата на владеење на правото и борбата со корупцијата.

Амбасадорката Агелер му го честиташе изборот на премиерот Џафери, истакнувајќи ја важноста од неговата улога во демократскиот развој на земјата како прв претседател на Собранието, Албанец и прв претседател на Владата на Северна Македонија, Албанец во историјата на земјата. Агелер потенцираше дека изборот на премиерот Џафери испраќа силна порака дека, како и во Соединетите Американски Држави, така и во Северна Македонија, диверзитетот и почитувањето на неговото богато културно наследство ја прават земјата уште посилна.

Амбасадорката ја истакна силната поддршка на САД на патот на Северна Македонија кон Европската Унија и изрази подготвеност за натамошна блиска соработка со Владата на тој пат.

Премиерот Џафери ја нагласи определбата на Владата за активно продолжување на процесите и реформите врзани за евроинтеграцијата на Северна Македонија, со цел отворање нови можности за поголем економски просперитет и демократски развој. Меѓу другото, премиерот ја извести амбасадорката и за предлог Законот за рестриктивни мерки за кој се прават дополнителни и сеопфатни консултации, по што е предвидено повторно разгледување на истиот на следната владина седница.

Премиерот Џафери изрази благодарност за континуираната поддршка од САД за стабилноста и просперитетот на Северна Македонија и истакна дека нашиот придонес во колективната безбедност како земја членка на НАТО, ќе продолжи.

Можете да прочитате

Свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен

Ведро и студено, преку денот сончево

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер