Во техничката влада не може да има два опозициски субјекти, образложи премиерот Талат Џафери од собраниската говорница по предлогот за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу од редовите на Алијанса за Албанците. Побараното разрешување на двајцата министри, како што појасни Џафери, не се однесува поради нивните професионални квалификации. -Основата за разрешување се однесува на законската должност за состав на влада според Законот за Владата. Во основите на Договорот од Пржино, учесници во Владата освен мнозинството се и припадници на најголемата опозиција во Собранието. Министрите чие разрешување се предложува, по објава на претседателот на Алијанса за Албанците на Фејсбук дека од тој момент ќе дејствуваат како опозиција и ќе ја поддржат опозицијата, се изјаснија дека стојат зад декларацијата на претседателот. Законот вели дека не може да има два опозициски субјекти во состав на Владата и тоа е основната причина за што се предлага ова разрешување, појасни Џафери образложувајќи го предлогот за разрешување на Меџити и Алиу. Последниот збор по предлогот за разрешување ќе го кажат пратениците во Собранието.