Утрински Весник
Македонија

Адвокатот бара ослободителна пресуда за Боре Видевски, обвинет за убиството на Вања: Тој е колатерална штета

Sudewe vanja.png

Во завршните зборови на денешното рочиште за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, адвокатот на обвинетиот Боре Видевски – Бојан Манев – ја спореше основата на обвинението против својот клиент, оценувајќи ја целата истрага како „погрешно насочена, политички мотивирана и професионално аматерски изведена“.

Манев се обрати со остра критика кон институциите: обвинителството, полицијата и целиот истражен процес. „Од почетокот, овој предмет беше изведен како театар пред јавноста, со намера да се покаже брзо ‘расчистување’ на случајот. Наместо докази, гледаме конструкција“, рече адвокатот.


Тој потенцираше дека против Видевски нема ниту еден директен доказ – ниту ДНК трага, ниту видео снимка, ниту сведочење кое го инволвира на местото на злосторствата. Единствениот елемент на кој се потпира обвинението, според Манев, е наводно изнудено признание под тортура, добиено додека Видевски бил подложен на физичко и психолошко насилство, иако, како што истакна, обвинетиот има трансплантиран бубрег и сериозна здравствена состојба.

„Обвинителството дури и не го повикало сведокот кој можел да го потврди алибито на Боре. Не беа изведени снимките од бензинските пумпи и камерите кои, според сведоци, постојат и се во доказниот материјал. Намерно беа премолчени“, истакна Манев.

Тој го нарече случајот „правно недозреан експеримент“, кој ќе остане запишан како пример за тоа како не треба да се води една кривична постапка. Манев тврдеше дека Видевски, како татко на две ќерки, долгогодишен карате тренер и човек со интегритет, не само што не би можел да биде сторител на такво монструозно дело, туку и самиот се пријавил во полиција, што го исклучува каков било бегалски или прикриен мотив.

„Обвинителството сака од јавноста да бара верба во сценарија без логика – дека некој сам се снима додека подготвува убиство, дека човек без мотив станува дел од криминална група, дека татко на две ќерки учествува во киднапирање на дете, без апсолутно ниту еден доказ“, истакна адвокатот.

На крајот, Манев побара судот да го ослободи Боре Видевски од вина, со образложение дека тој е колатерална жртва на „институционална неспособност, јавен притисок и политичка потреба за виновник по секоја цена“.

Одлуката на судот сега останува да се донесе во атмосфера на силен јавен интерес и поделени ставови околу тоа дали обвинението ќе успее да ги поддржи своите тешки обвинувања со цврсти докази – или предметот ќе се распадне под тежината на правните аномалии.

Можете да прочитате

АХВ: Не сме надлежни за постапување при заштита на здравje при работа и издавање HACCP елаборати

Задутре завршни зборови ќе дава адвокатот на Палевски и останатите обвинети

„Истрагата за Кочани се спроведува неселективно и во целост, а Филипче и Шарените знаат само да злоупотребуваат трагедии“, вели Манасиевски