Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, денеска поднесе жалба на наредбата со која се бара неговиот поранешен потпретседател на САД, Мајк Пенс, да сведочи во истрагата на специјалното обвинителство за нередите во Капитол на 6 јануари 2021 година, пренесуваат американските медиуми.
Адвокатите на Трамп поднесоа жалба по пресудата поврзана со истрагата на Министерството за правда за неговите обиди да го оспори кредибилитетот на резултатите од претседателските избори во 2020 година на кои тој загуби од демократот Џо Бајден.
Пенс минатата недела рече дека нема да поднесе жалба на пресудата со која се бара да сведочи пред федералната голема порота за неговиот однос со Трамп и разговорите што ги имал со него на денот на смртоносниот напад на Капитол.
Пенс доби повик од специјалниот советник на Министерството за правда Џек Смит во врска со истрагата за улогата на Трамп во немирите во Конгресот на 6 јануари.
Во зависност од неговите одговори, обвинителството има опција да побара од судијата да го принуди Пенс да одговори на дополнителни прашања и да му ги одземе привилегиите на Трамп како поранешен член на извршната власт, пишува Си-ен-ен.