Вработените во шест министерства и во Државниот завод за статистика утре ќе излезат на протест со барање за додаток на плата од 30 проценти. Според претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, на протестот се очекува да учествуваат вработените од министерствата за култура, животна средина, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија и труд, како и од Државниот завод за статистика.
„Во понеделник официјално ќе објавиме кој сѐ ќе учествува на протестот. Бараме потпишување на колективен договор, со којшто вработените ќе имаат 30 проценти додаток на плата,“ изјави Деаноски.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, реагираше на најавите за протест. Тој истакна дека протестот е демократско право, но нагласи дека побаруваната сума е преголема и дека решението зависи од расположливите средства што Министерството за финансии може да ги обезбеди.
„Не може преку ноќ да се надминат проблеми кои се таложеле 30 години. Во буџетот има огромни дупки, а само 30-40% од административците ја извршуваат својата работа. Проблемот ќе се решава преку преедукации и подобра распределба на кадарот,“ изјави Минчев.
Протестите на административните работници стануваат сѐ почести, со оглед на неодамнешниот штрајк на вработените во Државното правобранителство, кои исто така бараа 30% зголемување на платите. Од Синдикатот на УПОЗ предупредуваат дека протестите ќе продолжат сѐ додека не се исполнат нивните барања.