Утрински Весник
Македонија

Адем Чучуљ едногласно избран за нов претседател на Антикорупциска

Img 20251121 wa0000.jpg

Собранието денес едногласно го избра Адем Чучуљ за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Од 82 пратеници кои гласаа, сите 82 дадоа поддршка, со што Чучуљ стапува на функцијата со редок политички консензус околу неговиот избор.

Чучуљ е дипломиран правник со положен правосуден испит и речиси две децении работно искуство во ДКСК. Во институцијата работи 19 години, а последните години ја извршуваше функцијата генерален секретар. Во селекциската постапка за нов претседател освои највисока оценка – 96,5 бодови – при што комисијата за избор истакна дека располага со значајно практично искуство во спречување корупција и судир на интереси, како и со јасна визија и конкретен план за развој на институцијата.

Гласањето во пленум следеше по претходната едногласна поддршка во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, која пред неколку недели го предложи Чучуљ како прв избор меѓу 13-те кандидати. Во конкуренцијата учествуваа адвокати, економисти, поранешни полициски службеници, како и поранешни и актуелни функционери.

Во денешната расправа пратениците од власта и опозицијата се повикаа на неговото долгогодишно искуство, нагласувајќи дека Чучуљ може да ги зајакне капацитетите и угледот на Антикорупциска. Според дел од излагањата, по серијата афери и оставки, новиот претседател добива шанса да ја стабилизира институцијата која треба да биде прва адреса во борбата со високата корупција и судирот на интереси.

Мандатот на Чучуљ започнува во чувствителен период за ДКСК. Неговата претходничка, Татјана Димитровска, поднесе оставка откако против неа беше покренато обвинение во случајот „Адитив“ – за наводно оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Дел од јавноста во овој развој гледа доказ дека Антикорупциска е подложна на притисоци и грешки, додека други потсетуваат дека Чучуљ, како генерален секретар, беше дел од раководството во истиот период. Новата функција, затоа, ќе биде и тест за неговата способност да се дистанцира од претходните практики и да воведе повисоки стандарди во работата на Комисијата.

Можете да прочитате

Во кругот на студентски дом „Стив Наумов” во Скопје пронајдени човечки коски

Димитровски: ЦЕФТА не е само регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија

Министерот Љутков го формираше Советот за туризам