Популарноста на принцот Хари и неговата сопруга Меган опаѓа и никогаш не била пониска меѓу Британците по нивното интервју со водителката на американската телевизија Си-би-Ес, Опра Винфри, покажаа резултатите од истражувањето објавено денес од „Југов“ (YouGov), пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека интервјуто дадено од Хари и Меган ја донело монархијата стара 1.000 години во најголемата криза во овој век, а според анкетата спроведена од „Југов“, тоа влијаело не само на нивната, туку и на популарноста на некои други членови на кралското семејство.
Според истражувањето, откриено е дека 48 отсто од 1.664 испитаници имаат негативен став кон Хари во споредба со 45 проценти од оние со позитивен став, што е првпат неговата вкупна оценка да биде негативна и претставува пад од 15 поени во споредба со една недела претходно, пренесува „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека сега само три од 10 лица имаат позитивен став кон Меган, додека 58 проценти имаат негативно мислење за неа.
Единствениот друг член на кралското семејство кај кого, според истражувањето, е забележан пад на популарноста е таткото на Хари, престолонаследникот Чарлс, кого сега негативно го оценуваат 42 проценти од Британците, наспроти 49% од оние со позитивно мислење.
Според анкетата на „Југов“ и натаму најпопуларна е 94-годишната кралица Елизабета, за која дури 80 проценти од испитаниците мислат позитивно, а за постариот брат на Хари, Вилијам и за неговата сопруга Кејт, позитивно мислење имаар три четвртини од испитаниците.
Посебна анкета, која била спроведена делумно пред емитувањето на интервјуто во Британија, покажала дека поддршката за монархијата како целина е во голема мера непроменета, со 63 проценти од Британците кои го поддржуваат ваквото уредување, додека пак 25 проценти сакаат избран шеф на државата, соопшти агенцијата.