Штип, 26 мај 2020 (МИА) – Подобро снабдување со електрична енергија на неколку градови од источниот регион и стабилно обезбедување струја за стопанските објекти во индустриската зона „Неокази“ ќе обезбеди далекуводот Штип – Пробиштип што наредните денови ќе биде пробно пуштање во работа.
Увид во работите денеска направија премиерот Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорката на МЕПСО, Ева Шуклева и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски заедно со Комисијата за технички прием од АД МЕПСО на далекуводот Штип – Пробиштип, делницата до индустриската зона „Неокази“.
Станува збор за 110-киловолтен далекувод, долг 25,2 километра, што беше во функција 48 години, изграден во 1972 година со армирано-бетонски столбови. За неговата реконструкција е обезбеден заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а вкупната инвестиција изнесува 2,45 милиони евра.
-Со оваа капитална инвестиција се подобрува снабдувањето на електричната струја во неколку градови на источниот регион, како и стабилно снабдување со овој енергенс и на стопанските објекти во зоната „Неокази“ во Пробиштип. Обновивме и модернизиравме инфраструктурна енергетска, елетродистрибутивна мрежа за подобра бизнис клима, како значајна основа за актуелни и за сите потенцијални инвеститори во регионот, за остварување на сопствените, но и на економските потенцијали за целиот овој регион, рече Спасовски.
Министерот Сугарески истакна дека сите инвестиции се реализираат, а со овој проект особено е значајно подобрувањето на условите за снабдување со квалитетна електрична енергија за Пробиштип, Злетово, Кратово и Крива Паланка. Новата опрема на подолг рок ќе ги сведе на минимум трошоците на АД МЕПСО за одржување на овој далекувод.
-Денес сведочиме на успешна реализација на многу значаен проект кој претставува само дел од тековниот инвестициски циклус и вклучува изградба на нови капацитети и модернизација на постоечки трафостаници, нагласи Сугарески.
Тој информира дека се во тек обемни активности за модернизација и ревитализација на шест трансформаторски станици.
-Во фаза на подготовка е и изградбата на четири нови далекуводи на постоечките траси, со што, ако го земеме предвид и овој објект каде присуствуваме денеска, станува збор за изградба на 150 километри нова далекуводна мрежа, подвлече министерот.
Според него, особено е важно дека овој инвестициски фронт ќе биде одбележан со проектот за изградба на нов 400-киловолтен далекувод од ТС „Битола“ – ТС „Елбасан“ и проектот за изградба на нова трансформаторска станица кај Охрид.
-Покрај инвестициите во електроенергетиката, со силно темпо работиме на реализација на крупни капитални инвестиции и во делот на патната, комуналната и железничката инфраструктура, интензивно тече изградбата на магистралниот гасовод. Станува збор за најголемите инвестиции во инфраструктурата досега, со вредност од преку една милијарда евра, потенцира Сугарески, и додаде дека сето тоа значи раст на градежништвото, нови работни места, подобри услови за работа на компаниите, стимулирање на економијата и поквалитетен живот на граѓаните.
Директорката на АД МЕПСО, Шуклева истакна дека на постоечката траса, старите бетонски столбови се заменети со нови, челично-решеткасти. На нив се поставени нови проводници, ново заштитно громобранско јаже со интегрирани оптички влакна. Изведувачот на работите за изградба на далекуводот е избран на меѓународен тендер, спроведен согласно правилата на ЕБОР и тоа е конзорциум од кинеската компанија Pinggao и албанска компанија Ndrekaj.
-До комплетно завршување на проектот останува да се изградат уште дваесетина далекуводни столба со кои ќе се поврзе и трансформаторската станица „Пробиштип“ на овој далекувод. Планирано е работите во целост треба да завршат ова лето (во август), информира Шуклева.
Далекуводот е дел од најголемиот инвестициски циклус во историјата на МЕПСО и опфаќа реконструкција на шест далекуводи кои работат на 110-киловолтно ниво, модернизација на шест трансформаторски станици, изградба на прв далекувод што ќе овозможи поврзување со електропреносниот систем на Албанија, како и изградба на нова трансформаторска станица кај Охрид. Проектите во кои ќе вложи МЕПСО се 90 милиони евра. вдј/мч/