Утрински Весник
Македонија

Модернизиран далекуводот од Штип до Пробиштип

Модернизиран далекуводот од Штип до Пробиштип

Штип, 26 мај 2020 (МИА) – Подобро снабдување со електрична енергија на неколку градови од источниот регион и стабилно обезбедување струја за стопанските објекти во индустриската зона „Неокази“ ќе обезбеди далекуводот Штип – Пробиштип што наредните денови ќе биде пробно пуштање во работа.

Увид во работите денеска направија премиерот Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорката на МЕПСО, Ева Шуклева и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски заедно со Комисијата за технички прием од АД МЕПСО на далекуводот Штип – Пробиштип, делницата до индустриската зона „Неокази“.

Станува збор за 110-киловолтен далекувод, долг 25,2 километра, што беше во функција 48 години, изграден во 1972 година со армирано-бетонски столбови. За неговата реконструкција е обезбеден заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а вкупната инвестиција изнесува 2,45 милиони евра.

-Со оваа капитална инвестиција се подобрува снабдувањето на електричната струја во неколку градови на источниот регион, како и стабилно снабдување со овој енергенс и на стопанските објекти во зоната „Неокази“ во Пробиштип. Обновивме и модернизиравме инфраструктурна енергетска, елетродистрибутивна  мрежа за подобра бизнис клима, како значајна основа за актуелни и за сите потенцијални инвеститори во регионот, за остварување на сопствените, но и на економските потенцијали за целиот овој регион, рече Спасовски.

Министерот Сугарески истакна дека сите инвестиции се реализираат, а со овој проект особено е значајно подобрувањето на условите за снабдување со квалитетна електрична енергија за Пробиштип, Злетово, Кратово и Крива Паланка. Новата опрема на подолг рок ќе ги сведе на минимум трошоците на АД МЕПСО за одржување на овој далекувод.

-Денес сведочиме на успешна реализација на многу значаен проект кој претставува само дел од тековниот инвестициски циклус и вклучува изградба на нови капацитети и модернизација на постоечки трафостаници, нагласи Сугарески.

Тој информира дека се во тек обемни активности за модернизација и ревитализација на шест трансформаторски станици.

-Во фаза на подготовка е и изградбата на четири нови далекуводи на постоечките траси, со што, ако го земеме предвид и овој објект каде присуствуваме денеска, станува збор за изградба на 150 километри нова далекуводна мрежа, подвлече министерот.

Според него, особено е важно дека овој инвестициски фронт ќе биде одбележан со проектот за изградба на нов 400-киловолтен далекувод од ТС „Битола“ – ТС „Елбасан“ и проектот за изградба на нова трансформаторска станица кај Охрид.

-Покрај инвестициите во електроенергетиката, со силно темпо работиме на реализација на крупни капитални инвестиции и во делот на патната, комуналната и железничката инфраструктура, интензивно тече изградбата на магистралниот гасовод. Станува збор за најголемите инвестиции во инфраструктурата досега, со вредност од преку една милијарда евра, потенцира Сугарески, и додаде дека сето тоа значи раст на градежништвото, нови работни места, подобри услови за работа на компаниите, стимулирање на економијата и поквалитетен живот на граѓаните.

Директорката на АД МЕПСО, Шуклева  истакна дека на постоечката траса, старите бетонски столбови се заменети со нови, челично-решеткасти. На нив се поставени нови проводници, ново заштитно громобранско јаже со интегрирани оптички влакна. Изведувачот на работите за изградба на далекуводот е избран на меѓународен тендер, спроведен согласно правилата на ЕБОР и тоа е конзорциум од кинеската компанија Pinggao и албанска компанија Ndrekaj.

-До комплетно завршување на проектот останува да се изградат уште дваесетина далекуводни столба со кои ќе се поврзе и трансформаторската станица „Пробиштип“ на овој далекувод. Планирано е работите во целост треба да завршат ова лето (во август), информира Шуклева.

Далекуводот е дел од најголемиот инвестициски циклус во историјата на МЕПСО и опфаќа реконструкција на шест далекуводи кои работат на 110-киловолтно ниво, модернизација на шест трансформаторски станици, изградба на прв далекувод што ќе овозможи поврзување со електропреносниот систем на Албанија, како и изградба на нова трансформаторска станица кај Охрид. Проектите во кои ќе вложи МЕПСО се 90 милиони евра. вдј/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Повторно се разгоре огнот во боровата шума над село Ногаевци, во Општина Градско

Залутан куршум погодил возило на Финец кај Бит Пазар

Уапсени 12 возачи кои возеле без положен возачки испит