Делчево, 25 мај 2020 (МИА) – Започна изградбата на патот кој води до манастирот „Св.Петка“ преку селата Вратиславци и Костиндол во делчевско-каменичкиот регион. Иницијативата за изградбата на патот, како што информира Марјан Митевски, член на црковниот одбор е на самите жители во селото.
-Станува збор за манастир кој се наоѓа во атарот на општина Делчево, изграден е негде 60-тите години од минатиот век и се уште е без пристапен пат до него. Затоа решивме да започнеме негово трасирање за да можат, како жителите така и сите гости намерници да го посетат, вели Митевски.
Паралелно, како што додава се собираат средства за доизградба на манастирот.
-Сакаме да апелираме до сите граѓани кои се во можност да донираат. Заедно да го направиме патот, а потоа и во рамки на можностите да го уредиме манастирот. За таа цел заинтересираните нека се обратат до нашиот сограѓанин Љупчо Лазаревски, додава Митевски.
Во реализацијата на идејата мештаните бараат да се вклучат општините, а добредојдена како што велат ќе биде и помошта од иселениците. вс/ев/