Утрински Весник
Македонија

Граѓаните ќе излезат на гласање ако здравствените власти дадат зелено светло за избори

Граѓаните ќе излезат на гласање ако здравствените власти дадат зелено светло за избори

Скопје, 25 мај 2020 (МИА) – Речиси 70 отсто од граѓаните ќе излезат на гласање на парламентарните избори доколку здравствените власти дадат зелено светло за тоа. Тие нема да се чуствуваат безбедно доколку тоа биде само со повик од политичарите. Ова произлегува истражување на јавното мислење кое се однесува на изборите и мислењето на граѓаните за тоа кога треба тие да се одржат.

Истражувањето што го објави „Детектор“, а го изработи Институтот за политички истражувања Скопје, покажува дека ако надлежните здравствени власти дадат зелено светло за избори, на гласање се изјасниле дека ќе излезат 69,6 отсто од граѓаните, додека 19 отсто велат дека нема да се појават пред гласачките кутии.

Само со повик од политичарите да се излезе на гласање, мнозинството граѓани велат дека не се чувствуваат безбедно за да учествуваат на изборите, 38,9 отсто од граѓаните велат дека доколку политичките лидери изјават дека кризата е завршена и повикаат на гласање, тие нема да се чувствуваат безбедни да гласаат, додека 37,5 отсто велат дека ќе се појават на гласачките места.

Доколку рестриктивните мерки за социјална дистанца, носење маски и ракавици се уште се на сила, на гласање велат дека ќе излезат 45,7 отсто од анкетираните, додека 33,7 отсто велат дека нема да гласаат.

Доколку биде потребно подолго да се чека пред гласачките места согласно препораките за социјална дистанца, над една третина или 39,3 отсто од граѓаните велат дека воопшто нема да гласаат, додека 42,9 отсто велат дека ќе излезат на избори.Три четвртини од анкетираните или 76,3 отсто велат дека на следните избори, државата треба да обезбеди маски, ракавици и пенкала за гласање, додека 15 отсто сметаат дека нема потреба за тоа.

Најголемиот дел од граѓаните или 24,2 отсто сметаат дека изборите треба да се одржат во септември, додека 22,8 отсто се на ставот дека избори треба да има после септември. Најмал е процентот на граѓани кои сметаат дека изборите треба да се одржат во јуни. Ваков став имаат 15,1 отсто од анкетираните. За избори во јули се 17,6 отсто, а за изборен датум во август, 15,8 отсто од анкетираните.

Доколку изборите се одржат на крајот на јуни или првата половина на јули, на гласање
велат дека ќе излезат 48,2 отсто од анкетираните додека 35,1 отсто велат дека нема да гласаат. Ова е значително намалување во однос на тоа колкумина од граѓаните биле подготвени да гласаат пред корона кризата. Според резултатите од истражувањето,74,7 отсто од анкетираните изјавиле дека пред корона кризата планирале да гласаат на парламентарните избори, додека само 18,1 отсто планирале да апстинираат.

Партиите за консензус за датум, ако има договор ќе финишира со лидерска средба до крајот на неделата

Постигнување консензус во разговорите за датум за парламентарните избори очекуваат владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ иако во јавноста и едните и другите нагласуваат дека не отстапуваат од своите позиции. Разговорите се очекуваат да финишираат со лидерска средба на крајот на оваа недела односно до 30 мај, паралелно со завршувањето на 14-дневната вонредна состојба прогласена од страна на претседателот Стево Пендаровски.

Партиски претставници имаат меѓусебна комуникација која треба да помогне во изнаоѓање на решение за датум за избори, која не е на лидерско ниво и официјално не се потврдува.

СДСМ и коалицијата што ја предводи поддржана од партии од албанскиот блок сметаше дека изборите треба да се одржат на 21 јуни, но во последите изјави лидерот на владејачката партија Зоран Заев кажа дека со дијалог може да се постигне консензус. И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, чија партија предложи избори на крајот на август или почетокот на септември, рече дека доколку им бидат соопштени соодветни аргументи тие се подготвени за компромис.

Заев во своите изјави повторува дека доколку нема договор до 30 мај, кога завршува вонредната состојба и доколку таа не продолжи, почнуваат да течат роковите за изборите, кои би се одржале на 21 јуни.

-Немаме директна комуникација меѓу нас. Верувам дека ќе се одржи лидерска средба, заради тоа што можноста за одржување на лидерска средба навистина е до истекот на вонредната состојба. Кога ќе помине вонредната состојба останува неизвесноста дали ќе има нова или не, изјави Заев за време на партиски настан во Струмица.

Тој уште еднаш апелираше за трезвеност, опозицијата да ја прифати одговорноста и да се постигне договор изборите да се одржат во најбрзо можно време, односно пред почетокот на летото.

Од родниот град во саботата тој упати порака дека е потребно и одговорно да се најде решение за изборите да се одржат пред почетокот на летото, најмногу заради здравјето на луѓето.

-Затоа, нашата, мојата порака е: изборите се решение, а не проблем. Спроведувањето на изборите бара внимателност и одгoворност од секој од нас, при што јасно е дека изборите се единствениот демократски механизам граѓаните да го вратат легитимитетот на законодавната и извршната власт, рече Заев.

Мицкоски на неговата последна прес-конференција во петокот предупреди дека дел од антикризните мерките од вториот и од третиот сет нема да можат да бидат реализирани доколку не биде продолжена вонредната состојба на 30 мај бидејќи потоа стапува во сила членот 8а од Изборниот законик, и сите вонредни исплаќања се кривично дело. Ако е Владата чесна во намерата и ветувањата кои се дел од вториот и од третит сет на мерки, и ако навистина сака да ги испорача, рече лидерот на опозицијата, тогаш избори не може да се случат шеесет дена од престанокот на вонредната состојба.

-Што значи ако вонредната состојба прекине на 30 мај, најкасно до 30 јули избори не може да има. Тогаш не ја говорат вистината и се лицемерни и повторно ги лажат граѓаните, рече Мицкоски.

Мерки за заштита од Ковид-19 и кампања 

Во насока на подготовка за изборниот процес, што ќе треба да се реализира со примена на мерките за заштита од коронавирусот, членовите на Државната изборна комисија имаа средба со членовите на Комисијата за заразни болести. Им поставија дополнителни прашања и дилеми, за кои се очекува неделава да добијат одговори.

Исто така тие побараа заштитните материјали за изборите да ги обезбеди државата, на што министерот за здраство Венко Филипче рече дека за дел од нив би можело да се покријат трошоците.

Партиите најавуваат онлајн кампањи, средби со физичка дистанца на отворено и без митинзи. Сепак, деталите во врска со тоа како ќе изгледаат кампањата и денот на гласањето имајќи го предвид Ковид-19 веројатно ќе бидат појасни по одредувањето на датумот за избори.

Иако официјалната кампања за изборите не е започната, партиите почнаа со свои активности.

ВМРО-ДПМНЕ промовира спотови, а СДСМ во саботата во три изборни единици имаше координативни средби со кандидатите за пратеници. По средбите, носителите имаа изјави за медиуми. Беа поставени на соодветна одалеченост еден од друг со маски на лицето. ев/ац/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ