Скопје, 23 мај 2020 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти во телефонски разговор денеска на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски му изразил честитки и поддршка за начинот на кој земјата се справува со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот.
Премиерот Спасовски во разговорот со премиерот на Косово, изразил задоволство од соработката со Владата на Косово во овој кризен период.
– Двајцата премиери разговараа за можностите за координирано справување со последиците од пандемијата на КОВИД-19 и во корист на здравјето на граѓаните, за рестартирање на економијата и за зајакнување на деловните врски меѓу Косово и Северна Македонија во нови услови, како и за усогласување на мерките за нормализација на комуникацијата во сите области меѓу двете земји во наредниот период, се вели во денешното соопштение од владиниот Сектор за односи со јавноста.
Во разговорот меѓу премиерите Спасовски и Курти била потенцирана согласноста дека брзата интеграција во ЕУ на сите држави од Западен Балкан, како и интензивната регионална соработка се темел на развојот, сигурноста и иднината на регионот. цр/аа/