Прилеп, 21 мај 2020 (МИА) – Се асфалтира пат од преку пет километри од прилепското село Волково до манастирот „Свети Никола“, кој се наоѓа во близина на населеното место Прилепец.
Патот беше во исклучителна лоша состојба, сметаат градските власти, тешко пристапен како за жителите на двете населени места, така и за посетителите на манастирот.
Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски во рамки на програмата на Општината за изградба, реконструкција и рехабилитација на постојната патна инфраструктура, беа изработени проекти за реконструкција на патиштата од селото Волково до прилепското село Прилепец, како и од Прилепец до манастирот „Свети Никола“.
– Вкупната вредност на двата проекта изнесува 31.2 милиони денари. Средствата за изградба на патот беа обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во рамките на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година, додека ДДВ-то е целосно финансирано од општина Прилеп, вели Јованоски.
Досега се асфалтирани околу 2.4 километри од патот, а според најавите на изведувачот, комплетните градежни работи ќе бидат завршени најдоцна до крајот на овој месец. ем/цр