Утрински Весник
Македонија

МЕД го одбележува Меѓународниот ден на биолошката разновидност со пребројување на пеликаните од Преспанското Езеро

МЕД го одбележува Меѓународниот ден на биолошката разновидност со пребројување на пеликаните од Преспанското Езеро

Скопје, 21 мај 2020 (МИА) – Македонско еколошко друштво во соработка со Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“, Меѓународниот ден на биолошката разновидност – 22 мај годинава ќе го одбележи со пребројување на пеликаните од Преспанското Езеро.

-Се со цел доближување на природните убавини во нашата земја МЕД одлучи на 22 мај – петок, на своите социјални мрежи преку целиот ден да споделува слики и видеа од теренската активност за пребројување на пеликаните во Преспа. Затоа во петок следете не на фејсбук и инстаграм и уживајте во глетките од Преспанското Езеро, соопшти Македонското еколошко друштво.

Оттаму посочуваат дека пребројувањето на пеликаните е прекугранична активност што ги вклучува и нивните партнерски организации од Грција и Албанија – Друштвото за заштита на Преспа и Друштвото за заштита на животната средина во Албанија.

Броењето на пеликаните МЕД го спроведува од 2013 година. Пеликаните кои секојдневно доаѓаат да се хранат во македонскиот и албанскиот дел од Големото Преспанско Езеро, како што наведува друштвото, припаѓаат на најголемата гнездечка популација на овој вид во светот, која се наоѓа на Малото Преспанско Езеро, и ја нагласува неопходноста од заедничка соработка во напорите за зачувување на биолошката разновидност.

Темата на годинешното прославување на Меѓународниот ден на биолошка разновидност е „Природата нуди решенија.

-Биолошката разновидност ја подразбира севкупноста на живиот свет на Земјата. Таа не ја вклучува само разновидноста на гените, видовите и екосистемите, туку и различните односи помеѓу живите суштества. Комплексноста на оваа разновидност е главна карактеристика на екосистемите и нивното функционирање, кои суштински придонесуваат за благосостојбата на човекот и се од огромна корист за општеството во целина. Овие придобивки од природата тешко може парично да се вреднуваат!, се наведува во соопштението на МЕД.бт/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи

Тешка сообраќајна несреќа пред влезот на Клинички центар

Мицотакис: Не гласавме за договорот од Преспа затоа што со него се признава македонската нација и јазик