Скопје, 21 мај 2020 (МИА) – На паркинг на ул.„Методија Андонов Ченто“ во Скопје, ноќеска 20 минути по полноќ, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода С.Т.(20) од Скопје затоа што при преглед кај него била пронајдена марихуана. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Вчера во 8 часот во СВР Охрид било пријавено дека во близина на авто камп во Охрид, во близина на брегот на Охридско езеро, биле забележани М.П.(65), Е.З.(35) и Е.З.(31), сите од Охрид, со риболовен алат и вреќи со улов, по што го напуштиле местото. По издадена судска наредба, полициски службеници од СВР Охрид извршиле претрес во чамецот и била пронајдена поголема количина риболовен алат и улов од риба. Предметите и уловот се подигнати за понатамошна постапка. Увид на местото извршила екипа од СВР Охрид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера во 16:45 на крстосница од локален пат средно Средно Коњари-средно Горно Коњари и локален пат кој ги поврзува автопат Миладиновци-Свети Николе се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „рено меган“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.С.(24) од село Петровец, скопско и мотоцикл „хамачи“, управуван од Б.М.(28) од ссело Средно Коњари, скопско. По незгодата Б.М. бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР Скопје.
Вчера околу 18 часот на крстосница од бул.„Кузман Јосифовски Питу“ со ул.„Владимир Комаров“ во Скопје се случила сообракајна незгода помеѓу товарно возило „ивеко“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Т.(49) од Скопје и мотоцикл „пиаџо“ со скопски регистарски ознаки, управуван од С.Т.(43) од Неготино. По незгодата С.Т. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде му биле констатирани тешки телесни поврди. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Скопје.
Вчера во 11:53 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Ургентен центар Гостивар со тешки телесни повреди бил донесен Б.А.(47) од село Добридол. Според пријавеното, тој се повредил поради невнимание додека со секира цепел дрва кај Т.А.. Увид на местото на настанот извршила екипа на Полициска станица Гостивар и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера околу 15:30 часот во Полициска станица Македонски Брод било пријавено дека на место викано „Буњица“, во атар на село Долно Крушје, Македонски Брод, настанал пожар при што се опожарени сува трева и нискостеблеста шума во Државна и приватна сопственост. Пожарот бил изгаснат од противпожарната единица од Македонски Брод. Увид на местото на настанот извршила екипа на Полициска станица Македонски Брод.
Вчера во 12:20 часот во СВР Скопје, С.К.(42) од Скопје пријавила дека на ул.„Џон Кенеди“ била касната од куче скитник во пределот на левата надколеница. бк/