Утрински Весник
Македонија

Поради медиумска непокриеност опозицијата ја напушти седницата на Советот на Општина Кочани

Поради медиумска непокриеност опозицијата ја напушти седницата на Советот на Општина Кочани

Кочани, 20 мај 2020 (МИА) – Опозициската советничка група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти денешната седница на Советот на Општина Кочани поради несоодветна медиумска покриеност на неговото работење.  

Во образложението што го даде Лазо Митев, координатор на советничката група беше нагласена потребата од присуство на медиумите на седниците на Советот, како и на работењето на комисиите во негов состав, за да се исполнат заложбите за транспарентност и отчетност. 

– Медиумите веќе не ги снимаат и емитуваат седниците на Советот затоа што за таа работа бараат финансиски надомест, а со членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, донесен на централно ниво, ние сме оневозможени да вршиме плаќања кон телевизиите. На тој начин се врши двојно замолчување на советниците, како од централно, така и од локално ниво, затоа што ниту локалната самоуправа не ги снима седниците иако, со проект од УНДП е набавена опрема, истакна Митев. 

Според него, и во наредниот период, доколку не се најде ефикасен начин за снимање на работењето на Советот и емитување преку телевизиите, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе доаѓа на седниците, но нема активно да учествува. 

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев изрази жалење за одлуката на опозициската советничка група да ја напушти седницата, при што рече дека наскоро ќе се организира работна средба со координаторите на сите советнички групи и со медиумите за да се најде можно решение на состојбата. Тој информираше дека опремата за видео снимање, што како донација ја доби Општина Кочани, не може да се користи затоа што поради заштитните мерки против коронавирусот седниците се одржуваат во салата АСНОМ, наместо во салата на Советот. 

Инаку, по донесувањето на членот 102 во Законот за ААВМУ пред две години, телевизиите во Кочани продолжија директно да ги пренесуваат или да ги снимаат седниците на општинскиот Совет, без да добијат надомест. Сепак, поради економската состојба во која се наоѓаат и неможноста да ги покријат трошоците, од пред неколку месеци престанаа со комплетно снимање и емитување, а на граѓаните им презентираат само кратки извештаи од работењето на советниците. та/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски” е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!