Делчево, 17 мај 2020 (МИА) – Седумчлена експедиција на планинарско-спортскиот клуб „Голак“ од Делчево продолжи со искачување и промовирање на помалку познати места во Пијанечко-малешевскиот крај. Последниот планинарски марш, како што информираше претседателот на клубот Љупчо Чучуковски, делчевските планинари го реализирале до врвот Ченгино Кале.
-Ченгино Кале или како што е познат уште како Моравски Врв се наоѓа 1754 метри надморска висина на Малешевските Планини, под кој се наоѓа изворот на река Брегалница. Почетна точка ни беше излетничкото место Равна Река на 1114 метри надморска висина, потоа продолживме кон водопадите на река Брегалница уште познати како Пехчевски водопади, местото Скокото, Љутачки водопад, Караула Ченгино Кале па се до врвот Ввр Ченгино Кале познат и како Моравски Врв, информира Чучуковски.
Вкупната должина на планинарската маршрута во двата правца изнесувала 19 километри со висинска разлика од 640 метри.
-Патека која спаѓа во полесните е наменета за сите планинари и рекреативци. Минува низ интересен предел во овој период од годината бидејќи водостојот на реката е голем, така што и водопадите се полни со вода и убави за гледање. Како единствен планинарски клуб во крајниот источен дел од државата, кој е дел од Федерацијата за планинарство, имаме за задача да ги посетуваме и промовираме сите интересни планини во овој дел од државата, додаде Чучуковски.
Планинарскиот марш бил реализиран со придржувавање на препораките од Министерството за здравство, при што планинарите се движеле во мала група на растојание од најмалку 1,5 метри и во зависност од потребата со носење заштитни маски. вс/хс/